По молитвата Ангел Господов, Папата упати силен апел за итно запирање на огнот во Украина. Тој потсети на трагедијата покрај брегот на Мавританија и на Светскиот ден на молитва за грижа за Созданието. Повика на прифаќање, посветеност на дијалогот и грижа за нашиот заеднички дом.
Папата Лав XIV во недела, 31 август 2025 година, на крајот од молитвата Ангел Господов, размислуваше за страдањето на светот растргнат од конфликти и насилство што ги погодува децата и оние кои бараат надеж и иднина. Прво се потсети на смртта и уништувањето што продолжуваат да се шират во Украина, во градовите погодени од бомбардирања, меѓу кои и главниот град Киев. Светиот Отец повика да се одбегнува рамнодушноста и да се биде поблизок со овој народ преку молитва и дела на милосрдие. Тој рече:
„Силно го повторувам итниот апел за прекин на огнот и за сериозна посветеност на дијалогот. Време е одговорните да ја напуштат логиката на оружјето и да тргнат по патот на преговори и мир, со поддршка на меѓународната заедница. Гласот на оружјето мора да замолкне, а ние треба да го подигнеме гласот за братство и правда.“
Смртоносна трагедија
Папата се осврна и на бродоломот што се случи во петок, 29 август, покрај брегот на Мавританија, при што загинаа повеќе од 50 лица, а околу стотина се водат како исчезнати. Тоа е уште една трагедија на море на патот на надежта кон Канарските Острови. Римскиот епископ нагласи:
„Оваа смртоносна трагедија се повторува секој ден низ целиот свет. Се молиме Господ да нè научи, како поединци и како заедница, целосно да го живееме неговото слово: ‘Бев странец и ме примивте’ (Матеј 25,35). Ги доверуваме сите наши повредени, исчезнати и починати во милосрдните раце на нашиот Спасител.“
Молитва за децата убиени во Минесота
Петровиот наследник упати силен апел на англиски јазик за запирање на неселективната употреба на оружје. Тој потсети на трагедијата што се случи на 27 август во американската држава Минесота, кога еден млад човек застрела и уби две деца, на возраст од 8 и 10 години, и рани уште 15 други за време на света Литургија во едно училиште, пред да си го одземе животот. Римскиот епископ повика на молитва за младите жртви и за сите невини деца кои умираат секој ден низ целиот свет.
Грижа за нашиот заеднички дом
Папата Лав XIV заврши потсетувајќи дека 1 септември е Светски ден на молитва за грижа за созданието. Пред десет години, папата Фрањо, во договор со Вселенскиот патријарх Вартоломеј I, го воспостави овој ден на молитва за Католичката црква. Темата на овогодинешниот Ден на молитва, кој е од особена важност, е: „Семе на мир и надеж“
Светиот Отец охрабри: „Обединети со сите христијани, го славиме овој ден и го продолжуваме за време на ‘Периодот на создавањето’ до 4 октомври, празникот на Свети Фрањо од Асизи. Во духот на Песната за братот Сонце, која ја создаде пред 800 години, го славиме Бога и ја обновуваме нашата посветеност да го чуваме неговиот дар и да се грижиме за нашиот заеднички дом.“
Ватикан њуз/к.мк