На средба со италијански службеници за спроведување на законот, папата Лав XIV ја нагласува важноста да се извршуваат должностите со „исправна совест“.
Поздравувајќи ги римските Карабинери, служба за спроведување на законот, во Ватикан, папата Лав XIV ја изрази својата благодарност за можноста да ги прими оние „кои служат во одржувањето на редот и безбедноста во метрополитенската област на Рим и низ целата покраина“.
Иако Јубилејната година беше особено напорна, Папата ја сподели својата радост што Карабинерите можеле да имаат богато искуство, и на личен и на професионален план.
„Навистина, така беше за сите нас што живееме во Рим: сведоштвото на толку многу ходочесници нѐ зајакна и нѐ охрабрија“, рече тој.
Раните денови на христијанството
Папата потоа се осврна на раните денови на христијанството во Рим, кога Радосната вест за Исус почна да се шири во различни средини, меѓу кои и војската. Оваа Радосна вест била „нов начин на живеење и размислување; Бог кој е љубов, милосрдие и простување; братство меѓу сите мажи и жени што ги надминува сите општествени и етнички разлики“.
Како една од главните италијански служби за спроведување на законот, Карабинерите се националната жандармерија и четврта гранка на Италијанските вооружени сили. Папата Лав истакна дека тие добро знаат што значат хиерархија, команда и послушност.
Слично, објасни тој, Евангелието низ вековите длабоко влијаело врз структурите, принципите и начинот на размислување и однесување во цивилизациите во кои навлегувало. Сепак, „тоа не го направи преку насилна револуција, туку преку мирна преобразба одвнатре, преку совеста и преку преобраќањето на срцата“.
Преку тоа, Евангелието донесе ново сфаќање и за Бог и за човечката личност, обележано со апсолутно почитување на животот и на секое човечко суштество, заедно со богослужение насочено единствено на Бог.
Во секое време, насекаде
Папата потоа го постави прашањето: „Зарем ова не е тоа што може и мора да се случува во секое време, и во светот, и во Рим денес?“ Одговорот, рече тој, е да, и забележа дека Вториот ватикански собор, како и учењата и примерите на пжПапите, го потврдуваат тоа.
За да се случи ова, Папата ги повика сите повторно да го откријат „суштинското јадро на христијанската порака и духот на раната Црква, за да ги воплотиме во нашиот свет, толку поинаков и многу посложен“. Како што вели Посланието на свети Павле до Евреите: „Исус Христос е ист вчера и денес и довека“.
На крајот од своето обраќање, папата Лав им се заблагодари на Карабинерите за нивната служба, особено околу Ватикан и во градот Рим. Ги охрабри секогаш да ги извршуваат своите должности со „исправна совест, верни на принципите и правилата на Карабинерскиот корпус и, како христијани, верни на Евангелието, кое ја исполнува секоја намера и секое дело со Христовата љубов“.
Ги довери на заштитата на Марија, Virgo Fidelis, и им подели благослов на секој од нив, на нивните семејства и за нивната работа.
Ватикан њуз/к.мк

