Папата Лав XIV се збогува со Екваторска Гвинеја, а со тоа и со цела Африка, служејќи света Литургија на стадионот во Малабо, што беше последниот настан од неговото 11-дневно апостолско патување низ четири африкански земји.
Папата Лав XIV го заврши своето апостолско патување низ четири африкански земји со престојот во Екваторска Гвинеја и со краток проштален говор во Малабо, во средата, со што беше заокружена неговата 11-дневна посета на континентот.
Обраќајќи им се на верниците на крајот од светата Литургија на стадионот во Малабо, Папата истакна дека „дојде време“ за заминување, изразувајќи благодарност за можноста да го оствари ова патување.
Тој им се заблагодари на надбискупот, епископите, свештенството и на пошироката заедница, опишувајќи ги како „Божји народ што чекори во оваа земја“, каде што Евангелието е присутно веќе 170 години. „Христос“, рече тој, е „Светлината на Екваторска Гвинеја, а вие сте солта на земјата и светлината на светот“.
Светиот Отец изрази благодарност и до државните власти во земјата, како и до сите што придонеле за организацијата и успехот на посетата.
Осврнувајќи се на времето поминато во Африка, папата Лав XIV рече дека заминува со „неизмерно богатство на вера, надеж и милосрдие“, обликувано од средбите, сведоштвата и искуствата што ги стекнал за време на посетата.
„Ова богатство се состои од приказни, лица и сведоштва, и радосни и тажни, кои во голема мера ќе го збогатат мојот живот и служба како наследник на Петар“, рече тој.
Папата Лав понатаму ја истакна улогата на Африка во животот на Црквата, велејќи дека континентот е повикан, како и во раните векови на христијанството, да придонесе за светоста и мисионерскиот дух на верниците.
Тој го заврши своето обраќање доверувајќи ги луѓето од Екваторска Гвинеја и од цела Африка на застапништвото на Дева Марија, повикувајќи се на нејзината грижа за семејствата, заедниците и народите на целиот континент.
Ватикан њуз/к.мк

