Папата ќе учествува на прославата на Меѓународниот ден за човечко братство

Папата ќе учествува на прославата на Меѓународниот ден за човечко братство

Папата Фрањо ќе учествува на виртуелна средба на 4 февруари на одбележувањето на Светскиот ден на човечкото братство заедно со големиот имам на Ал-Азхар, Ал-Тајеб, ден утврден од Генералното собрание на Обединетите нации. Настанот ќе се одржи во Абу Даби, во присуство на шеикот Мохамед бин Зајед.

Прославата на првиот Меѓународен ден на човечкото братство, основан од Обединетите нации на 21 декември 2020 година, во знак на сеќавање на потпишувањето на Документот на човечкото братство за мир и заеднички живот, ќе се одржи виртуелно со учество на папата Фрањо, кој е потписник на документот заедно со големиот имам на Ал-Азхар ,Ахмад Ал-Тајеб. Подготовката и пишувањето на документот траеше скоро година и пол.

Во четврток, на 4 февруари од 14.30 часот по европско време ќе се одржи овој виртуелен настан, кој ќе се емитува во живо на повеќе јазици, а ќе го пренесуваат Ватикан њуз и Ватиканските медиуми. Настанот е организиран од шеикот Мохамед Бин Зајед во Абу Даби и ќе присуствуваат папата Фрањо, големиот имам на Ал-Азхар, како и Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и други еминентни личности.

Истиот ден ќе биде доделена награда „Зајед – за човечкото братство“, која е поттикната од Документот за човечко братство од Абу Даби. Добитниците на наградата беа избрани од независно жири составено од Високиот комитет за човечко братство, формирано неколку месеци по потпишувањето на документот, на 4 февруари 2019 година. Комитетот ќе ги награди оние кои се истакнале во постојаната посветеност за човечкото братство.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот