На десетгодишнината од енцикликата на папата Фрањо за грижата за заедничкиот дом, папата Лав XIV ќе учествува на меѓународниот настан „Подигање надеж за климатска правда“ со над 400 верски водачи, експерти за клима и претставници на граѓанското општество и институциите од целиот свет.
Во Кастел Гандолфо, во „Центро Маријаполи“ организиран од Движењето Фоколари, во среда, 1 октомври, ќе започне меѓународна конференција со наслов „Подигање надеж за климатска правда“, промовирана од Движењето „Laudato si’“ во соработка со разни црковни и институционални партнери, по повод десетгодишнината од енцикликата на папата Фрањо за грижата за созданието.
Според соопштението за медиумите, на конференцијата, која е закажана да трае до 3 октомври, ќе учествуваат над 400 верски водачи, експерти за клима и претставници од граѓанското општество и институциите од целиот свет, за да ги определат следните чекори во спроведувањето на еколошката преобразба во светлината на учењето на Црквата.
Во среда попладне, папата Лав XIV ќе претседава со „Прослава на надежта“.
На настанот ќе бидат изнесени различни сведоштва, меѓу кои и сведоштвото на бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, и на поранешниот гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, кој подолго време е вклучен во иницијативи за заштита на созданието.
По говорот на Папата, ќе следи симболичен и духовен чин на заедничка побожност, по што ќе има средба помеѓу папата Лав XIV и група учесници на конференцијата. Во наредните денови се закажани работни сесии, тркалезни маси и духовни моменти.
Ватикан њуз/к.мк