Три сесии се закажани од 7 јануари до 8 јануари попладне. Во четврток Папата ќе служи света Литургија со присутните кардинали во базиликата „Свети Петар“.
Апостолскиот поттик Evangelii Gaudium и мисионерското послание на Црквата, Апостолската конституција Praedicate Evangelium, улогата на Куријата и нејзиниот однос со партикуларните Цркви, синодалноста и литургијата. Овие теми ќе бидат разгледани на 7 и 8 јануари 2026 година на вонредниот конзисториум свикан од папата Лав XIV, прв во неговиот понтификат – стои во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Светиот Отец, заедно со членовите на Кардиналскиот колегиум, ќе поминат два дена во молитва, размислување и споделување обележани со моменти на заедништво и братство. Овие моменти ќе бидат насочени кон поттикнување на заедничкото расудување и обезбедување поддршка и совети на Светиот Отец во извршувањето на неговата голема и тешка одговорност во управувањето со универзалната Црква.
Конзисториумот започнува на 7 јануари во 16 часот во Синодската сала во Ватикан, ден по официјалното завршување на Јубилејот на надежта во 2025 година и затворањето на Светите Врати на базиликата „Свети Петар“ за празникот Богојавление. Седниците ќе се одржат зад затворени врати во присуство на Римскиот епископ. На 8 јануари, Петровиот наследник ќе служи света Литургија со кардиналите на олтарот на Катедрата во ватиканската базилика. Утринската сесија ќе започне во 9:30 часот и ќе трае до 12:45 часот. Попладневните сесии се закажани од 15:15 часот и ќе траат до 19 часот, со што ќе се заклучи дводневниот состанок.
Кардиналскиот колегиум е составен од 245 кардинали, од кои 122 се кардинали електори, а 123 се без право на глас. Вреди да се напомене дека од 5 јануари, кога кардиналот Марио Зенари, апостолски нунциј во Сирија, наполни 80 години, бројот на кардинали кои немаат право на глас го надмина бројот на кардинални електори за прв пат во историјата на Црквата. Целта на состанокот е и да се зајакне заедништвото меѓу Римскиот епископ и кардиналите, кои се повикани да соработуваат на посебен начин во грижата за доброто на универзалната Црква.
Ватикан њуз/к.мк

