Обраќајќи се пред делегацијата од Вселенската Патријаршија на празникот на светите апостоли Петар и Павле, папата Лав XIV повторно ја истакна својата решителност за почитувачки дијалог и соработка насочена кон обновување на целосно, видливо црковно заедништво.
За време на средбата со делегацијата од Вселенската цариградска патријаршија, што се одржа по повод празникот на светите апостоли Петар и Павле, папата Лав XIV ја потврди посветеноста на Католичката Црква на патот кон помирување и единство со Православната Црква.
На аудиенцијата – прва ваква средба од почетокот на неговиот понтификат – Папата размислуваше за „длабокото заедништво што веќе постои меѓу нас“ и подвлече дека традиционалната размена на делегации за празниците на апостолите Петар и Андреј е „одраз на братската врска која ги обединува апостолите Петар и Андреј“.
Пресвртници на екуменизмот
Следејќи ги чекорите на зближување меѓу Рим и Константинопол, папата Лав со благодарност се потсети на „храбрите и далекувидни“ напори на папата Павле VI и вселенскиот патријарх Атенагора, чиишто историски средби во 1964 година ги поставија темелите на современиот екуменски дијалог. Тој посочи дека нивните наследници „со уверена решителност го продолжуваат истиот пат на помирување“, особено нагласувајќи го присуството на вселенскиот патријарх Вартоломеј на погребот на папата Фрањо, како и на светата Литургија со која започна неговиот понтификат.
„Ве уверувам во мојата искрена желба да истраам во напорите за враќање на целосно, видливо заедништво меѓу нашите Цркви“, рече Папата, подвлекувајќи дека таквото единство „може да се постигне единствено со Божја помош, преку постојана посветеност на слушање со почит и братски дијалог“.
Отвореност за соработка
Папата Лав ја изрази својата подготвеност за дијалог и заедничка работа, нагласувајќи: „Отворен сум за сите предлози што можете да ги понудите во овој поглед, секогаш во консултација со моите браќа епископи на Католичката Црква, кои заедно со мене ја носат одговорноста за целосното и видливо единство на Црквата“.
Во завршницата на своето обраќање, Папата изрази искрена благодарност за присуството на делегацијата во Рим и ги замоли да ги пренесат неговите поздрави и благодарност до патријархот Вартоломеј и до Светиот Синод.
Доверувајќи го нивниот пат под застапништвото на светите апостоли Петар и Павле, свети Андреј и Пресвета Богородица, Папата се помоли „тие да нè придружуваат и да нè крепат во нашите напори во служба на Евангелието“.
Ватикан њуз/к.мк