Папата: Црквата не може да погреши во верата, потребно е доследно сведоштво

Папата: Црквата не може да погреши во верата, потребно е доследно сведоштво

На Генералната аудиенција одржана на плоштадот Свети Петар, папата Лав XIV ја продолжи катехезата за документот на Вториот ватикански собор Lumen gentium, размислувајќи за црковната заедница како свештенички и пророчки народ. Истакна дека тоа е дар за кој треба да бидеме благодарни, но и свесни за одговорноста што ја носи. Секој крстеник е активен субјект на евангелизацијата преку харизмите што Господ му ги дарувал.

Папата Лав XIV во катехезата одржана во среда, 18 март 2026 година, на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, продолжи со толкувањето на второто поглавје од соборската конституција Lumen gentium, посветено на Црквата како Божји народ.

Како што рече Светиот Отец, месијанскиот народ од Христос прима учество во Неговата свештеничка, пророчка и царска служба, во која се остварува Неговото спасително послание. Соборските отци учат дека Господ Исус преку новиот и вечен Завет го установил царството на свештениците, правејќи ги Своите ученици царско свештенство. Притоа, Папата нагласи:

Општото свештенство на верниците се дарува преку крштението, кое нè оспособува да Му се поклонувавме на Бог во дух и вистина и јавно да ја исповедаме верата примена од Бог преку Црквата. Потоа, преку таинството потврда или миропомазание, сите крстеници уште потесно се поврзуваат со Црквата, се збогатуваат со посебна сила на Светиот Дух и така се обврзани уште поцврсто да ја шират и да ја бранат верата со збор и дело како вистински Христови сведоци. Таа посветеност лежи во темелот на заедничкото послание што ги поврзува ракоположените служители и верниците мирјани.

Остварувањето на царското свештенство се врши на многу начини, сите насочени кон нашето осветување, пред сè преку учество во евхаристиската жртва. Со молитва, аскеза и делотворна љубов сведочиме живот обновен со Божјата благодат, истакна Римскиот бискуп, повторувајќи ги зборовите на Соборот: „Светата природа и органската структура на свештеничката заедница се остваруваат преку Светите Тајни и добродетелите“.

Соборските отци, продолжи Папата, учат дека светиот Божји народ учествува и во Христовата пророчка служба. Во тој контекст се отвора важно прашање за „чувството за вера“ и согласноста на верниците. Петровиот наследник додаде:

Доктриналната комисија на Соборот појаснува дека тој sensus fidei е способност на целата Црква, преку која таа во својата вера го препознава предаденото Откровение, разликувајќи го вистинитото од лажното во прашањата на верата, и истовремено подлабоко навлегува во него и потполно го применува во животот. Значи, чувството за вера му припаѓа на поединечниот верник не како приватно својство, туку како на член на Божјиот народ во целина.

Lumen gentium го насочува вниманието на овој последен вид и го поврзува со непогрешливоста на Црквата, на која, служејќи ѝ, ѝ припаѓа и непогрешливоста на римскиот првосвештеник, забележа Светиот Отец и додаде:

Целокупноста на верниците, кои го имаат помазанието од Светиот, не може да биде измамена во верата, а оваа своја особена одлика ја покажува преку натприродното чувство за вера на целиот народ, кога од епископите па сè до последните верници лаици изразува општа согласност во прашањата на верата и моралот.

Црквата, како заедништво на верници кое, секако, ги вклучува и пастирите, не може да погреши во верата, додаде Папата и продолжи:

Носител на ова својство, засновано врз помазанието на Светиот Дух, е натприродното чувство за вера на целиот Божји народ, кое се покажува во согласноста на верниците. Од тоа единство, кое го чува црковното учителство, произлегува дека секој крстеник е активен субјект на евангелизацијата, повикан да даде доследно сведоштво за Христос според пророчкиот дар што Господ го дава на целата Своја Црква.

На крајот од катехезата, папата Лав XIV ги повика верниците:

Драги мои, да ја разбудиме во себе свеста и благодарноста што го примивме дарот да припаѓаме на Божјиот народ, како и одговорноста што тоа ја носи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот