Нека Црквата биде во одење, нека ги слуша немирите на народите и секогаш да биде радосна – рече папата Фрањо на светата Литургија на 4 мај 2017 година во домот Света Марта.
Потсетувајќи на првите осум поглавја од Делата на светите апостоли, кои претставуваат резиме од целата историја на Црквата, Светиот Отец нагласи дека Господ од почетокот ги следи своите ученици, потврдувајќи го Словото со чудесни знаци. Никогаш не ги напушта, дури ниту во најтешките моменти – речеПапата.
Папата посебно размислуваше за три изрази од денешното прво читање, односно осмото поглавје од Делата на светите апостоли, повикувајќи дома во мир повторно да го прочираме тој дел. Првиот израз е „стани и тргни“, со кои ангелот му се обратил на Филип. Тоа е знак на евангелизација – рече Светиот Отец – Евангелизацијата е повик и голема утеха на Црквата.
Но, за да се евангелизира, потребно е „стани и тргни“ – истакна папата Фрањо – Не вели: седи во мир, во својот дом! За да биде верна на Господ, Црквата мора секогаш да биде на пат: Стани и тргни! Црква која не е на пат станува болна. Болна и затворена во психолошки и духовни трауми – рече Папата – затворена во мал свет на брборења, работи, затворена без хоризонт. Стани и тргни! Така мора да делува Црквата во евангелизацијата – нагласи Светиот Отец.
„Приближи се и застани до колата!“ – е следниот поттик кој свети Филип го прима од Духот. На колата бил Етиопјанин – преобратен на еврејство, евнух, кој дошол во Ерусалим за да му се поколони на Бог. И тој за време на патувањето, го читал пророк Исаија. Папата рече дека овде станува збор за преобраќање на „министерот за економија“ и според тоа за големо чудо. Духот го поттикнува Филип да се приближи на тој човек – рече папата Фрањо и нагласи колку е важно Црквата да знае да го слуша немирот на секое човечко срце.
Во секое човечко срце се наоѓа немир, добар или лош, но станува збор за немир – рече Светиот Отец – Црквата го слуша тој немир. Не вели: Оди и прозелитирај! Не, туку „појди и слушај.“ Слушањето така е вториот чекор. Прво, „стани и тргни“, а потоа слушањето. Способност за слушање: што чувствуваат луѓето, што чувствува нивното срце, за што размислува… Размислуваат ли можеби за погрешни работи? Но, би сакал да ги слушнам тие погрешни работи за добро да разберам каде се наоѓа тој немир. Сите ние во својата внатрешност имаме немир. Па, вториот чекор на Црквата е да го пронајде немирот во луѓето – рече Папата.
Филип се приближил до колата и слушнал дека Етиопјанинот го чита пророк Исаија, па го прашал: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?“ На што дворјанинот му одговорил: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Тогаш го замолил на Филип да се качи во колата и да седне до него. Папата Фрањо објасни дека Филип започнал да проповеда со благост. Така немирот на Етиопјанинот пронаоѓа решение кое го исполнило неговото срце со надеж. Но, тоа било можно затоа што Филип се приближил и слушал – нагласи Светиот Отец.
И додека Етиопјанинот слушал, Господ делувал во неговата внатрешност. На тој начин тој го разбрал пророштвото на Исаија кое се однесува на Исус. Неговата вера во Исуса пораснала до мерка што – кога стигнале до место каде имало вода – од Филип побарал да го крсти. Тој побарал Крштение затоа што духот делувал во неговото срце – рече папата Фрањо. А после крштението, Духот го грабна на Филип и го однесе на друго место, а Етиопјанинот полн со радост го продолжил својот пат. Според мислењето на Папата така третиот израз е радоста: радоста на христијанинот.
Црквата денес ни вели: Радувај се! Радост да се биде христијанин и во мрачните и во лошите моменти, па после каменувањето на свети Стефан настапува прогон на христијаните. Христијаните се распрснале како семе кое го разнесува ветарот. Тие биле оние кои го навестувале Исусовото Слово. Нека Господ на сите нас ни даде милост да живееме со Црквата на нозе и во одење, слушајќи го немирот на народите и секогаш радосни – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк