Папата Лав XIV својата катехеза на Генералната аудиенција во среда, 27 август, ја посвети на почетокот на Исусовото страдање и на моментот на неговото апсење во Маслиновата градина. Божјото присуство се пројавува токму таму каде што човекот доживува неправда, страв и осаменост; животот, слободно даден од љубов, не може да ни биде одземен од никој.
„Евангелистот Иван не го прикажува Исус како исплашен човек кој бега или се крие. Исус знае што ќе му се случи“, нагласува Светиот Отец и продолжува:
Сепак, тој одлучува да не се повлекува. Се предава. Не од слабост, туку од љубов. Љубов толку полна, толку зрела, што не се плаши од отфрлање. Исус не е фатен – тој дозволува да биде фатен. Тој не е жртва на апсење, туку автор на дар. Во тој чин е воплотена надежта за спасение за нашето човештво: сфаќајќи дека дури и во најтемниот час можеме да бидеме слободни за да сакаме до крај.
„Исус открива дека Божјото присуство се пројавува токму таму каде што човекот доживува неправда, страв и осаменост. Токму таму сака да свети вистинската светлина, а не да се плаши од надмоќта на темнината.“
Во срцето на ноќта, кога сè изгледа како да се распаѓа, Исус покажува дека христијанската надеж е одлука. Овој став е плод на длабока молитва во која го молиме Бога да ни даде сила да истраеме во љубовта, свесни дека животот, ако е слободно даден од љубов, никој не може да ни го одземе.
Понатаму, во моментот на неговото апсење, Исус не е загрижен за сопственото спасение: тој сака неговите пријатели да бидат слободни. Ова открива дека неговата жртва е навистина чин на љубов.
Тој се предава на стражарите само за да можат неговите ученици да се ослободат. Исус го живеел секој ден од својот живот како подготовка за овој драматичен и возвишен час. Затоа, кога доаѓа, има сила да не бара излез. Неговото срце добро знае дека губењето на животот заради љубовта е таинствено раѓање на плодноста. И Исус се чувствува вознемирено пред патот што води во смрт и крај. Но, тој е убеден: само животот изгубен поради љубов повторно се наоѓа. Ова е вистинска надеж: во верата дека дури и среде најнеправедното страдање лежи зачетокот на новиот живот.
„Евангелието според Марко го донесува и ликот на млад човек кој, кога Исус е фатен, бега гол. Оваа слика е енигматична, но многу сугестивна“, предупредува Светиот Отец.
И ние, во нашите настојувања да го следиме Исус, доживуваме моменти кога сме затекнати и лишени од нашата сигурност. Ова се најтешките часови, кога сме во искушение да го напуштиме евангелскиот пат, бидејќи љубовта ни изгледа како невозможен пат. Сепак, на крајот од Евангелието, младиот човек ќе им го објави воскресението на жените – веќе облечен во бела облека. Ова е надежта на нашата вера: нашите гревови и нашите двоумења не го спречуваат Бога да ни прости и да ни ја врати желбата да го продолжиме нашето патување по Него, за да можеме и ние да ги дадеме своите животи за другите.
„Драги браќа и сестри, да научиме и ние да се предаваме на добрата волја на Отецот, дозволувајќи нашите животи да бидат одговор на применото добро. Доволно е да одлучиме да сакаме слободно секој ден. Ова е вистинска надеж: да знаеме дека дури и во темнината на искушенијата, Божјата љубов нè носи и плодот на вечниот живот зрее во нас“, заклучи папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк