Папата Фрањо на празникот Свети апостоли Петар и Павле, на 29 јуни 2023 година ја предводеше светата Литургија во базиликата Свети Петар во Ватикан и ги благослови палиумите за новите митрополити надбискупи.
Палиумот е лента од бела јагнешка волна, која се носи над мисницата и симболизира блиска поврзаност со Папата и заедништво со Римската црква. Според обичајот се доделува на празникот на апостолските прваци Петар и Павле на надбискупите митрополити, кои се именувани во последната година.
Оваа година, палиуми примија вкупно 32 прелати, а 29 од нив беа присутни на литургиското славење. На самиот почеток од светата Литургија папата Фрањо ги благослови палиумите кои беа донесени од капелата кај гробот на свети Петар.
Во проповедта Светиот Отец се осврна на учењето на Петар и Павле, кои на важното животно прашање – „Кој е за мене Исус?“ – одговорија следејќи го како негови ученици и навестувајќи го Евангелието. На ист начин е повикана и Црквата да расте, истакна тој, „наследувајќи го Господ, барајќи го постојано и понизно“ „проповедајќи го Евангелието на светот и отворајќи ги човечките срца за Божјото присуство“. Папата ги повика верниците да го носат Исус насекаде, „посебно во оние места каде сиромаштијата, пропаѓањето и маргинализацијата се длабоко вкоренети“.
Обраќајќи им се на надбискупите кои примија палиум, папата Фрањо им рече: „Бидете апостоли како Петар и Павле. Бидете ученици во наследувањето и апостоли во проповедањето. Носете ја убавината на Евангелието насекаде, заедно со сиот Божји народ“.
На крајот од проповедта, папата Фрањо ја поздрави присутната делегација на Цариградската Вселенска Патријаршија.
Ватикан њуз/к.мк