По молитвата Ангел Господов во недела на 24 јануари 2021 година папата Фрањо се помоли за еден бездомник од Нигерија, кој беше пронајден мртов во близина на плоштадот Свети Петар.
Светиот Отец потсети дека на 20 јануари, 46. годишен Нигериец бездомник по име Едвин бил пронајден мртов од студот недалеку од плоштадот Свети Петар. Неговата состојба е слична на онаа на многу други бездомници кои неодамна починаа во Рим под истите драматични околности – рече Папата. Тој повика на молитва за Едвин и самиот се задржа во молитва.
Папата истакна дека денес е споменден на свети Фрањо Салешки, заштитник на новинарите, потсетувајќи дека ден претходно беше објавена неговата порака за 55. Светски ден на социјалните медиуми, кој годинава се слави на тема „Дојди и види“ (Иван 1,46). Да се комуницира среќавајќи се луѓето таму каде што се и какви што се“. Тој ги охрабри сите новинари и комуникатори да одат и да видат дури и таму каде што никој не сака да оди и да бидат сведоци на вистината.
Светиот Отец спомена дека во понеделник попладне, на 25 јануари на празникот Преобраќање на Свети Павле, во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, ќе се моли Вечерна на крајот од Молитвената осмина за единство на христијаните, заедно со претставници на другите цркви и црковни заедници, повикувајќи ги сите да се приклучат на молитвата.
Ватикан њуз/к.мк