Папата Фрањо се молеше за медицинските сестри и техничари
На светата Литургија во домот Света Марта во вторник 12 мај 2020 година папата Фрањо молеше од Бог благослов за медицинските сестри и техничари, кои во ова време на пандемија се пример за херојство, а некои од нив дури го дадоа и својот живот. Во проповедта истакна дека Исусовиот мир е бесплатен дар, кој секогаш се отвора за други и дава надеж за рајот кој е конечен мир, додека мирот на светот е егоистичен, неплоден, скап и минлив.
Папата Фрањо на почетокот од светата Литургија посебно се спомна на медицинските сестри и техничари. Денес е Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари – потсети Папата. Затоа да молиме за медицинските техничари и сестри, за мажите и жените, момчиња и девојки, кои го имаат ова занимање; тоа е повик, пожртвуваност. Господ нека ги благослови. Во ова време на пандемија дадоа пример за херојство, а некои дури го дадоа и својот живот. Да молиме за медицинските сестри и медицинските техничари – поттикна Папата.
Во проповедта Папата зборуваше за Евангелието од Литургијата (Иван 14, 27-31) каде Исус им вели на своите ученици: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Пред да замине Господ ги поздравува своите и им го дава дарот на мир, Господовиот мир – рече Папата и објасни: Не станува збор за универзален мир, мир без војни, кои сите го посакуваме, секогаш да владее, туку тоа е мир на срцето, мир на душата, мир кој секој од нас го има во себе. Господ го дава, но истакнува, не како што го дава светот. Станува збор за различен мир.
Светот ти дава внатрешен мир – рече Папата – мир на твојот живот, живот на мирно срце, кој е како да се поседува некоја работа која е твоја и те изолира од другите; тоа е твојата стекната работа: имам мир. Не забележувајќи се затвораш во тој мир; тој мир те прави да бидеш среќен и мирен, но те заспива, умртвува и ти дава да останеш сам со себе, помалку егоист. Така светот го дава мирот. Освен тоа, тој мир е скап – додаде Светиот Отец и рече: Затоа постојано мора да ги менуваш средствата за мир; кога некоја работа ќе те воодушеви, кога ќе ти даде мир, потоа се исцрпи и мораш да бараш друга… Скапа е, затоа што е минлива и неплодна.
Мирот кој Исус го дава е нешто друго. Неговиот мир те придвижува, не те изолира, те поттикнува да одиш кон другите, создава заедница, воспоставува комуникација – истакна Папата. Мирот кој го дава светот е скап, овој Исусовиот мир е бесплатен; Тој е Господов дар, Господов мир. Плоден е и секогаш те води напред. Мирот на светот не ти ги отвора вратите за другиот свет, додека Господовиот мир е отворен кон небото, кон рајот. Неговиот мир е плоден, се отвора и ги води и другите, заедно со тебе, во рајот.
Затоа Папата ги поттикна верниците да погледнат во себе, кој е нивниот мир. Дали мирот го наоѓам во благосостојбата, во поседувањето, и многу други работи, или го наоѓам како Господов дар? Дали за мирот мора да плаќам или го примам бесплатно од Господ? Каков е мојот мир? Дали се налутувам кога нешто ми недостасува? Тогаш тоа не е Господовиот мир. Тоа е искушение. Дали сум мирен во својот мир, дали ме успива? Значи дека не од Господ.
Во мир сум и сакам да го пренесам на другите и нешто да направам? Тоа е Господовиот мир. Останува ли мирот во мене и во грдите, тешките ситуации? Значи дека е од Господ. Господовиот мир е плоден и за мене, затоа што е полн со надеж односно гледа кон небото – истакна Папата. Мирот кој ни го два Исус е за сегашноста и за иднината. Тоа значи да се започне да се живее небото, со плодност за небото. Тоа не е анестезија.
Оној другиот мир е како анестезија; се анестезираш со работи од светот и кога дозата од таа анестезија ќе престане, земаш друга, па повторно друга… Исусовиот мир напротив, е конечен, плоден и заразен. Не е самобендисан, затоа што секогаш гледа во Господ. Оној другиот мир те гледа тебе, малку е самобендисан. – истакна Папата и на крајот молеше Господ да ни го даде тој мир полн со надеж, кој нè прави плодни, комуникативни со другите, кој создава заедница и секогаш гледа кон конечниот рајски мир.
Ватикан /к.мк