На 20 октомври 2024 година Светиот Отец Фрањо на плоштадот Свети Петар ја предводеше светата Литургија со церемонија за канонизација на четиринаесет нови светци. Блажениот Мануел Руиз Лопез и седумте придружници, како и Франческо, Муоти и Рафаел Масабки, Џузепе Аламано, сестра Мари-Леони Паради и сестра Елена Гуера беа прогласени за светци. Папата истакна дека Исус ги открива мислите, желбите и проекциите на човечкото срце, понекогаш разоткривајќи ги нашите очекувања за слава, власт и моќ.
„Ни помага повеќе да не размислуваме според световните критериуми, туку на Божји начин. И тие Исусови барања, заедно со неговото учење за служење, често ни се неразбирливи, како што беа и за неговите ученици. Но, следејќи го Него, следејќи ги Неговите стапки и прифаќајќи го дарот на Неговата љубов што го преобразува нашиот начин на размислување, можеме да го научиме тој Божји пат: служење. Бог станува близок со човекот за да служи, станува сочуствителен за да служи, станува нежен за да служи“, потсети Светиот Отец.
„Служењето е начин на живот на христијанинот. Служењето се раѓа од љубов, а љубовта не се пресметува, туку се троши и се дава, бидејќи доаѓа од срце обновено со љубов и од љубов“, додаде папата Фрањо и истакна:
Кога ќе научиме да служиме, секој наш гест на внимание и грижа, секој израз на нежност, секој чин на милосрдие станува одраз на Божјата љубов. И така го продолжуваме Исусовото дело во светот. Во тој поглед, можеме да се потсетиме на учениците на Евангелието кои денес беа прогласени за светци. Во текот на болната историја на човештвото, имало верни слуги, мажи и жени кои служеле и со мачеништво и со радост. Овие нови светци го живееле Исусовиот стил: служење.
Проповедта ја заврши потсетувајќи на важноста на примерот на денешните прогласени светци: Верата и апостолатот што го извршија не им ги нахрани световните желби и страстите за моќ, туку, напротив, станаа слуги и слугинки на своите браќа и сестри, креативни во правењето добро, непоколебливи во тешкотиите, великодушни до крај. Со доверба прибегнуваме кон нивното застапништво, за да можеме и ние да го наследуваме Христос, да Го следиме во служењето и да станеме сведоци на надежта за светот.
Ватикан њуз/к.мк