Светиот Дух е наш Утешител и Бранител кој не нѐ остава на мир и нѐ брани од обвинувањата на светот, дури и од самите нас, а пред се од ѓаволот кој прави сѐ за да се чувствуваме неспособни и несреќни. Во недела, 14 мај 2023 година, папата Фрањо ја молеше молитвата Царице небесна од прозорецот на неговата работна соба во Апостолската палата со верниците и присутните ходочасници на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Светиот Дух никогаш не нѐ остава на мир, блиску ни е, како бранител кој му помага на обвинетиот и е покрај него. Предлага и како да се браниме од оние кои не обвинуваат. Токму на Него папата Фрањо ја посвети својата катехеза пред молитвата Царице небесна, која се споменува како Утешител во евангелскиот дел за Шестата Велигденска недела. Тој објасни дека зборот параклет истовремено значи Утешител и Бранител и нè поттикнува да размислуваме за овие два аспекта: неговата близина со нас и неговата помош против оние што нè обвинуваат.
Во она време Исус им рече на своите ученици: Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди. Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека (сп. Иван 14, 15-17).
Светиот Дух „останува со вас и е во вас“, вели Исус
Близината на Светиот Дух е првиот аспект за кој Папата нѐ повикува да размислиме. Светиот Дух, потврдува Папата, е придружник на нашиот животен пат, постојано е присутен, тој е трпелив и останува со нас и кога паѓаме, нѐ љуби и не нѐ остава сами во тешкотиите.
Навистина, ако се најдеме во искушение, Светиот Дух нè утешува, носејќи ни прошка и сила Божја, а кога нè соочува со нашите грешки и нè исправа, тоа го прави добронамерно и со благост: неговиот глас кој секогаш ни зборува во срцето има печат на нежност и топла љубов. Духот Утешител секако бара, бидејќи тој е вистински пријател, верен пријател кој не крие ништо, кој ни сугерира што да промениме и како да растеме. Но, кога нè исправа, никогаш не нè понижува и никогаш не влева недоверба; напротив, ни дава уверување дека со Бога секогаш ќе успееме. Тоа е неговата близина.
Тој е наш Бранител, не брани од тие што не обвинуваат
Светиот Дух, Духот Утешител, како наш Бранител, нè брани од оние што нè обвинуваат: од самите нас, кога не љубиме и кога не си простуваме на себе, кога можеби зборуваме за себе дека нашиот живот е целосен неуспех и дека за ништо не сме добри; потоа од светот кој ги отфрла оние кои не одговараат на неговите шеми и модели; од ѓаволот, кој во вистинска смисла на зборот е обвинувач и носител на поделби и нè прави да се чувствуваме неспособни и несреќни.
Светиот Дух ни предлага како да им одговориме на оние што нè обвинуваат потсетувајќи нè на сè што ни има кажано Исус и на тој начин ни дозволува да му одговориме на ѓаволот кој обвинува не со наши зборови, туку со Господови зборови.
Најпрво, нè потсетува дека Исус секогаш зборувал за Отецот кој е на небесата, ни даде да го запознаеме и ни ја откри својата љубов кон нас, неговите деца. Ако го повикаме Духот, учиме да ја прифаќаме и паметиме најважната животна реалност, која нè штити од обвинувањата што доаѓаат од злото: ние сме Божји возљубени чеда.
Дали го слушаме гласот на Светиот Дух!
Папата Фрањо ги праша верниците присутни на плоштадот Свети Петар, дали го повикуваме Светиот Дух, дали често му се молиме, дали се сеќаваме на него и дали го слушаме неговиот глас и кога нè охрабрува и кога нè исправа? Дали одговараме со зборовите на Исус на обвинувањата што доаѓаат од злото, на судовите на животот? Дали некогаш се сеќаваме дека сме Божји возљубени деца? Светиот Отец повторно праша и заврши: Марија нека нè направи да бидеме добри ученици за гласот на Светиот Дух и чувствителни на неговото присуство.
Ватикан њуз/к.мк