Папата Фрањо: Санкциите не смеат да спречат потребната помош да пристигне во Сирија

Папата Фрањо: Санкциите не смеат да спречат потребната помош да пристигне во Сирија

Римскиот бискуп предупреди на можноста поради санкциите неопходната помош да не стигне до Сирија погодена од војна и земјотрес, обраќајќи им се на младите свештеници и монасите на Источните православни цркви. Папата го предаде подготвениот говор поради настинка и ги објасни трите димензии на екуменското патување

Се надевам дека ќе се направи сѐ што е можно за луѓето, дека нема да има причини или санкции кои би ја спречиле итната и неопходна помош за населението.

Ова го рече Светиот Отец обраќајќи им се на младите свештеници и монаси на Источните православни цркви, примајќи ги во аудиенција во четврток 23 февруари 2023 во Ватикан.

Некои од вас доаѓаат од Сирија, која страда; Сакам да изразам посебна близина со тој сакан народ, иксушуван не само од војната, туку и од земјотресот кој, како и во Турција, предизвика бројни жртви и страшни разурнувања.

Папата го осуди големото страдање на толку многу невини луѓе, деца, жени, мајки, семејства. Ги замоли присутните да ги пренесат неговите поздрави до нивните епископи и Цркви и во молитва посака Пресвета Богородица да ги заштити.

Два земјотреси ја погодија југоисточна Турција пред две недели, уништувајќи големи области во Турција и во соседна Сирија. Земјотресот урна стотици згради и загинаа илјадници луѓе. Бројот на загинати веќе надмина 46.000.

Великопосно патување

Папата ја изрази својата радост поради тоа што може да им посака добредојде на присутните, токму на почетокот на постот, патување што го следат христијаните во подготовка за Христовото Воскресение – срцето на нашата вера.

Во продолжение папата Фрањо спомна и едно друго патување, поточно она што двајцата ученици го направија заедно со Воскреснатиот на денот на Воскресението.

Патувањето во Емаус, истакна Папата, може на некој начин да го симболизира екуменското патување на христијаните кон потполно заедништво, пред да споделат три заеднички точки помеѓу двете патувања.

Ходочастие

Првиот елемент, рече Светиот Отец, вклучува ходочастие, истакнувајќи дека ако христијаните одат заедно, како што направија двајцата ученици од Емаус, со себе ќе го имаат Христос кој ќе ги придружува, ќе ги мотивира и ќе ги доведе до крајот на патувањето.

Исус, потсети Папата, по пат им приоѓа на двајцата ученици кои се исплашени и дезориентирани.

Се разбира, тагата и повлекувањето ги спречија нивните очи да го препознаат, рече Папата, истакнувајќи дека малодушноста и самореференцијалноста исто така ги спречуваат христијаните од различни конфесии да видат што ги обединува, да го препознаат оној што ги обединува.

Затоа, како верници, ги охрабри Папата присутните, мора да веруваме дека колку повеќе напредуваме заедно, толку повеќе таинствено ќе бидеме придружувани од Христос, бидејќи единството е заедничко ходочастие.

Дијалог

Следниот елемент, рече Папата, е дијалогот, потсетувајќи дека евангелистот вели дека двајцата ученици разговарале меѓу себе за сè што се случило. Разговорот на ходочастието во Емаус води до дијалог со Исус, кој станува нивен егзегет; врз основа на нивните разговори, Христос им зборува на нивните срца, ги буди, разгорува…

Единство

Третиот елемент, рече Папата, е единството. Исус, потсети Римскиот епископ, не го наметнал своето присуство, но учениците го молеле да остане, сакајќи да бидат заедно.

Мора да посакуваме единство преку молитва, со сето свое срце и сила, упорно, неуморно, инсистира Папата, затоа што ако згасне желбата за единство, не е доволно да одиме заедно и да разговараме: тогаш сè станува само формалност.

Ако надвладее желбата заедно со својот брат да ја отвориме вратата на Христос, тогаш сè се менува.

Папата потсети дека Исус не го прекршува лебот со ученици кои се одрекуваат и се се разединети; на нив е да го повикаат, да му посакаат добредојде, заедно да го посакуваат.

Ова можеби е она што денес најмногу им недостига на христијаните од различни вероисповеди: горливата желба за единство, која е над партиските интереси.

Веродостоен сведок

Ако ги живееме овие три димензии на екуменскиот пат, рече Папата, како и тие ученици, заедно ќе го препознаеме Христос во прекршувањето на лебот и ќе уживаме во заедништвото со него на истата евхаристиска трпеза.

Светиот Отец го заврши своето обраќање, давајќи им го својот благослов и изразувајќи ја својата желба да го почувствуваат Господовото присуство и раст во единство за време на нивното ходочастие во Рим.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот