Папата Фрањо објави дека има желба наскоро да ја посети Јапонија. Тоа го рече поздравувајќи ги членовите на јапонското здружение „Tensho Kenoh Shisetsu Kenshoukai“ кои ги прими на 12 септември 2018 година во малата сала Павле VI во Ватикан.
Користејќи ја приликата на оваа ваша посета, сакам да ви ја најавам својата желба следната година да ја посетам Јапонија. Се надеваме дека тоа ќе можам да го направам – рече Папата изненадувајќи ги сите присутни, поздравувајќи ги групата членови на јапонското здружение „Tensho Kenoh Shisetsu Kenshoukai“, кои ги прими во Ватикан, во средата на 12 септември пред Генералната аудиенција. Спомнатото здружение се занимава со промовирање на проекти од областа на културата и солидарноста во соработка со оците Исусовци кои делуваат во Јапонија.
Сеќавање на првото патување на 4 Јапонци во Европа
Папата Фрањо потсети дека пред повеќе од 400 години, поточно во 1585 година четворица млади Јапонци дошле во Рим во придружба на мисионери Исусовци за да го посетат тогашниот папа Гргур XIII. Тоа било прво доаѓање во Европа на група претставници од вашата голема земја – рече Папата и го истакна срдечниот пречек на кое наишле, и тоа не само во Рим. Европејците тогаш се сретнале со Јапонците, а Јапонците се сретнале со Европа и со срцето на Католичката Црква. Таа била историска средба помеѓу две култури и духовни традиции, која вашето здружение ја чува и продолжува да ја развива – рече Светиот Отец.
Бидете амбасадори на пријателството и големи вредности
Патувањето на вашите млади претходници траело повеќе од осум години; тогаш немало авиони – рече Папата и додаде: Вашето патување е пократко и помалку напорно. Но, се надевам дека се чувствувате примени од Папата како што тие биле примени, и како и нив уживате во радоста на оваа средба и дека сте охрабрени да се вратите во својата земја како амбасадори на пријателството и промотори на големите човечки и христијански вредности.
Религијата, културата и економијата можат да соработуваат
Тие млади пред 400 години биле способни за тоа – рече Светиот Отец и посебно спомна двајца од кои едниот станал свештеник, а едниот сѐ до мачеништво ја сведочел својата вера, и денес е блажен. Папата Фрањо потоа го охрабри актуелното ангажирање на здружението кое поврзано со Исусовците во Јапонија промовира проекти во областа на културата и солидарноста, и посебно го истакна вопоставувањето на фондот за формација на млади и сираци, благодарение на придонесот на повеќе јапонски компании.
Тоа е доказ дека религијата, културата и економскиот свет можат мирно да соработуваат за да создадат похуман свет обележан со интегралната екологија – рече Папата и истакна: Тоа е вистинскиот пат за иднината на нашиот заеднички дом. Понесете му го на вашиот прекрасен народ и на вашата голема земја пријателството на римскиот Папа и почитувањето од целата Католичка Црква – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк