Папата Фрањо ги прими учесниците на пленарната седница на Унијата за помош на Источните цркви (РОАКО) и потсети на областите погодени од конфликти и насилство: Украина, Сирија, Либан, Кавказ, Тиграј и Светата Земја. „Насилството никогаш нема да донесе мир“, предупреди тој, нарекувајќи ја војната „бесмислен и неубедлив потфат“.
Примирјето е итно „затоа што никој нема да биде победник во војната“, нагласи Светиот Отец. Потсетувајќи се на местата погодени од конфликтите, тој рече: „Како што телото на Господ беше прободено со клинци и копја, така и многу источни заедници се ранети и крварат поради конфликтите и насилството што ги трпат“. Тој ги охрабри членовите на Унијата да истраат во поддршката на Источните католички цркви, помагајќи им „да останат цврсто вкоренети во Евангелието“. Ги охрабри свештениците и монасите од Источните цркви секогаш да бидат внимателни на плачот на своето стадо и да бидат примерни во својата вера, „ставајќи го Евангелието пред сите форми на неслога или лични интереси и обединети во служењето на општото добро“.
Осврнувајќи се на состојбата во Светата Земја, тој нагласи дека денес верниците од целиот свет се повикани да ја изразат својата близина и да ги охрабрат христијаните таму, како и оние на Блискиот Исток, „да го надминат искушението да ги напуштаат своите земји, погодени од конфликти“. Страдањата предизвикани од војната се сè понесоодветни и апсурдни кога се случуваат токму на местата каде што се проповедаше Евангелието на мирот“, истакна Светиот Отец. Итно е потребен прекин на огнот, средби и дијалог за да се овозможи соживот на различни народи, што е единствениот можен пат кон стабилна иднина.
Треба да ги слушаме жртвите, оние кои имаат потреба, младите луѓе, обичните луѓе кои се „уморни од воинствена реторика, од празни слогани кои секогаш ги обвинуваат другите, делејќи го светот на добри и лоши, уморни од лидери на кои им е тешко да седнат на маса за да преговараат и да најдат решенија“, порача Светиот Отец.
Зборувајќи за „страданата Украина“, тој повика на молитва за „да се отворат патиштата на мирот“ и „да се ослободат воените заробеници и да се вратат децата во нивната татковина“. Ги пренесе и своите „братски поздрави“ до ерменскиот патријарх Карекин Втори и на народот на Ерменија кој се соочува со конфликт.
Завршувајќи го своето обраќање, папата Фрањо се осврна на многуте источни христијани кои бегаат од конфликти или мигрираат во потрага по работа и подобри услови за живот. Тој потсети на опасноста овие заедници од дијаспората „да го изгубат својот верски идентитет“ и дека скапоценото „духовно наследство“ на Истокот е ослабено. Изразувајќи ја својата благодарност до Римокатоличките епархии што ги примаат источните христијани, ги повика да покажат „посебна грижа“ за да можат да ги одржат своите обреди живи. Во овој поглед, тој ја охрабри Дикастеријата за Источни цркви да воспостави „принципи и норми кои можат да им помогнат на римокатоличките бискупи да ги поддржат источните католици кои живеат во дијаспората“.
Ватикан њуз/к.мк