Во пораката до Форумот за биолошка разновидност на УНЕСКО, папата Фрањо потсети на потребата од заедничко дејствување за сериозно преиспитување на сегашниот модел на развој. Глобалното затоплување и неговото влијание врз сиромашните бараат конкретен одговор, како што е одговорноста за нашиот заеднички дом.
Да го слушаме гласот на домородното население, што е „израз на крикот на земјата и сиромашните“, да инвестираме во образованието на младите за усвојување нов начин на живот, за зајакнување на процесите што се спротивставуваат на феноменот на промена на климата. Ова се упатствата што папата Фрањо им ги нуди на учесниците на Форумот за биодиверзитет на УНЕСКО на тема „Наша планета, наша иднина: Педесет години програма за човекот и биосферата“, што се одржа преку Интернет на 24 март. По овој повод, постојаниот набљудувач на Светиот Престол во УНЕСКО, монсињор Франческо Фоло, ја прочита пораката која Папата ја испрати до генералниот директор, г-ѓа Одри Азулај. Во шпанскиот текст, Папата изрази „благодарност“ за дискусијата за „еден од најважните и најитни проблеми на нашето време“.
Во својата порака, Папата истакнува дека „борбата против климатските промени и борбата против екстремната сиромаштија“ се меѓусебно зависни и затоа е потребно да се редефинира новиот модел на развој“, усвојувајќи методологија што ги интегрира етиката на солидарност и политичката добротворност”
Само на овој начин ќе биде можно да се промовира вистинско универзално општо добро, вистинска цивилизација на љубовта, каде ќе нема простор за пандемија на рамнодушност и отфрлање.
Во срцето на Папата се сиромашните, кои страдаат од влијанието на климатските промени повеќе од другите, и затоа на „одговорот на моменталната социо-еколошка криза“ мора да се гледа „како единствена можност да се преземе одговорност за нестабилноста на нашиот заеднички дом, подобрување на условите за живот, здравје, транспорт, енергетска безбедност и создавање нови можности за работа“.
„Ако сакаме борбата против климатските промени да биде ефикасна“, пишува Папата, „мора да дејствуваме заедно, земајќи ја предвид потребата да се направи сериозно преиспитување на сегашниот модел на развој, со цел да се поправат неговите аномалии и нарушувања“.
Давањето конкретни одговори на сериозниот феномен на глобалното затоплување е морален императив. Недостатокот од дејствување ќе има несакани ефекти, особено кај најсиромашните слоеви на општеството, кои исто така се најранливи на овие промени.
Ватикан њуз/к.мк