Папата Фрањо: Поезијата ни помага да бидеме луѓе

Папата Фрањо: Поезијата ни помага да бидеме луѓе

Издавачката куќа „Арес“ објави збирка текстови на папата Фрањо за важноста на поезијата и литературата во воспитувањето и образованието, како и во дијалогот помеѓу Црквата и современата култура.

Првата антологија на текстови на папата Фрањо за поезијата и литературата, со наслов „Да живее поезијата!“ (Viva la poesia!) беше објавена од италијанската издавачка куќа Арес и се појави на полиците на книжарниците на 4 март 2025 година. Во збирката дела Светиот Отец го открива своето посебно учење за поезијата и литературата. Предговорот го напиша Исусовецот, заменик-секретарот на Дикастеријата за култура и образование, отец Антонио Спадаро. Споменатата антологија е збирка на извадоци од енциклики, апостолски поттици, говори и посланија, како и предговори, интервјуа и лични писма во кои Папата зборува за важноста на поетското творештво. Меѓу нив е неодамнешното „Писмо на Неговата Светост Папата Фрањо за улогата на литературата во образованието“, од 17 јули 2024 година, и неговото „Писмо до поетите“, објавено во збирката „Песни до Бога. Антологија на религиозна поезија“, исто така објавена во 2024 година од издавачката куќа Крочети.

Вратете го вкусот за литература

Во предговорот на збирката, отец Спадаро забележува дека литературата и поезијата одиграле важна улога во обликувањето на ставовите на папата Фрањо и обидите да се обезбедат клучеви за разбирање на книжевното размислување на Римскиот бискуп. „Во неговото папско учење“, пишува отец Спадаро, „Папата Фрањо вклучува поетски и симболични изрази како составен дел од неговиот дискурс“, односно често цитира поети и писатели. На пример, во Апостолското писмо „Querida Amazonia“, Папата цитира најмалку 17 писатели и поети.

Отворајќи ја книгата, читателот наоѓа краток автограм од папата Фрањо, во кој тој забележува дека мораме „да го вратиме вкусот за литература во нашите животи, но и во образованието, инаку ќе бидеме како суво овошје“. „Поезијата“, додава папата Фрањо, „на сите ни помага да бидеме луѓе и денес ни е многу потребна“. Треба да се нагласи дека во текстот Папата ја изразува желбата поезијата да ја „заземе катедрата“ во папските академски установи.

Евангелието треба да биде извор на сјај

Размислувањата на папата Фрањо, избрани од самиот Спадаро за оваа книга, не само што ја нагласуваат основната улога на поезијата и литературата во човечкото и духовното формирање – за „подобро разбирање на себеси и на другите“ – туку ја истражуваат важноста на креативноста и имагинацијата во животот и верата, охрабрувајќи ја употребата на „нов и моќен јазик“ за да се пренесе евангелската порака.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот