Папата изрази загриженост за ситуацијата во Демократска Република Конго, потсети на жртвите од нацистичките концентрациони логори и упати честитки по повод Лунарната Нова година.
„Ја изразувам мојата загриженост за влошената безбедносна ситуација во Демократска Република Конго. Ги повикувам сите страни во конфликтот да преземат одговорност за прекин на борбите и заштита на цивилното население на Гома и другите области погодени од воените операции“, рече Светиот Отец на крајот од Генералната аудиенција одржана на 29 јануари 2025 година во Ватикан. .
Папата призна дека со загриженост ги следи настаните во главниот град на земјата Киншаса, изразувајќи надеж дека „секакви форми на насилство врз луѓето и нивниот имот да престанат што е можно побрзо“. „Молејќи се за брзо враќање на мирот и безбедноста, ги повикувам локалните власти и меѓународната заедница да вложат максимални напори за решавање на конфликтот со мирни средства“, додаде Светиот Отец, изразувајќи ја и својата желба за мир во другите региони во светот погодени од војни.
Поздравувајќи ги ходочесниците од Полска, Папата потсети на жртвите од германските концентрациони логори за време на Втората светска војна. „Браќа и сестри, бидете чувари на вистината и на споменот на оваа трагедија и нејзините жртви, меѓу нив има не малку христијански маченици. Тоа е потсетување на потребата постојано да се стремиме за мир и да го заштитиме достоинството на човечкиот живот во секој народ и секоја религија“, рече Папата.
Обраќајќи им се на кинеските ходочесници, Светиот Отец истакна дека во земјите од Источна Азија и во многу други делови на светот, милиони луѓе ја слават новата година според лунарниот календар, што „е повод за подлабоко искуство на семејните односи и пријателства“. „Нека допре до сите вас мојот благослов, заедно со моите новогодишни желби, барајќи од Бога мир, спокојство и здравје за секој од вас“, рече Петровиот наследник.
Ватикан њуз/к.мк
https://www.vaticannews.va/bg/pope/news/2025-01/papa-apeli-audienza-kongo-jertvi-nazistki-lageri-kitai.html