На светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, папата Фрањо се молеше за болните, но и за пастирите, да применат мерки кои нема Божјиот народ да го остават сам и да го придружуваат со утеха на Словото Божјо, светите Тајни и молитата.На петтата света Литургија со директен пренос преку стриминг, од капелата на домот Света Марта, точно на седум годишнината од изборот на Папскиот престол, папата Фрањо повторно повика на молитва за заразените од корона вирусот, но и посебно се молеше и за пастирите. Овие денови да се соединиме со болните и со семејствата кои страдаат заради пандемијата – рече Папата и додаде: Денес исто така би сакал да молам за пастирите кои во оваа криза мора да го придружуваат Божјиот народ. Нека Господ им даде сила и способност да ги изберат најдобрите срества за да помогнат.
Драстичните мерки не се секогаш добри, заради тоа да Го молиме Светиот Дух да им даде на пастирите способност и пасторално расудување за да преземат мерки кои нема да го остават сам светиот верен Божји народ. За Божјиот народ да се чувствува дека пастирите го придружуваат и за да ја почувствува утехата на Словото Божјо, светите Тајни и молитвата – рече Папата.
Папата Фрањо овде секако не мисли на мерките кои ги преземаа властите за да се запре заразата, избегнувајќи јавни собири, туку се обраќа на пастирите, да водат сметка за потребите на верниците кои во овој драматичен момент, им е потребна духовната придружба. Во проповедта коментирајќи ги денешните Литургиски читања, а посебно параболата за убијците лозари, зборуваше за неверноста на сојузот од страна на оние кои си го присвојуваат Божјиот дар на богатство, отвореност и благослов и го претвораат во доктрина (Мт 21, 33-43. 45-46)
Двете денешни читања се пророштво за маката Господова. Јосиф продаден како роб за двасеет сребреници и предаден на погани, и Исусовата парабола која симболично зборува за убиството на Синот – рече Папата и потсети, тоа е приказна за човекот кој имал земја на која посадил лозје, го заградил, ископал во него бунар и подигнал кула, а потоа им го дал на лозарите и си заминал.
Тоа е Божјиот народ. Господ го избрал тој народ, тоа бил изборот на тие луѓе. Тој е избраниот народ – напомена и додаде, овде е и ветувањето: „Оди напред. Ти си мој народ,“ ветувањето дадено на Авраам. Како и сојузот склопен на Синај. Народот треба секогаш да го чува во сеќавање изборот, дека тој е избраниот народ, како и ветувањето за да гледа напред со надеж, и сојузот секој ден да ја живее верноста.
Меѓутоа во таа парабола, кога се приближило времето за плодовите, тие луѓе заборавиле дека не се господари: „Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто.“ Исус овде покажува како книжниците постапувале кон пророците.
Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: »Ќе се засрамат од сина ми.«, мислејќи дека ќе имаат почит кон неговиот син. „Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: »Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.“ Го украле наследството. Тоа е приказна за неверност на изборот, неверност на ветувањето, неверност на сојузот. Изборот, ветувањето, сојузот се дар Божји. Тоа значи да не го сфатиш тоа дека е дар и да го земеш во сопственост.
Тие луѓе си го присвоиле дарот, го лишиле од карактеристиките дар за да го претворат во своја сопственост. Така дарот кој е богатството, отвореноста и благословот, затворен, заточен во доктрината на бројни закони. Така е идеологизиран. Така дарот ја загубил својата природа на дар; завршил во идеологија. Најмногу од сè во моралистички идеологија полна со прописи, дури и смешни затоа што за секоја работа се служи со казуистика – рече Папата.
Тоа е голем грев. Да забораваме дека самиот Бог се направи дар за нас, дека Бог тоа ни го дал како дар и заборавајќи на тоа да станеме господари. Ветувањето повеќе не е ветување, изборот повеќе не е избор ако кажеме: „Сојузот толкуван според моето мислење, е идеологизиран“ – истакна Папата. Со тоа однесување, во Евангелието можеби гледам почеток на клерикализмот, кој е изопаченост, кој секогаш го негира бесплатниот Божји дар, бесплатниот Божји сојуз, бесплатното Божјо ветување. Ја заборава бесплатноста на објавата, заборава дека Бог се покажа како дар, се направи дар за нас, а ние мора повторно да го дадеме, да го покажеме на другите како дар, а не како своја сопственост.
Клерикализмот не се појави овие денови, крутоста не е работа на овие денови, тоа го имало и во Исусовото време – рече Папата. Исус потоа оди понатаму, објаснувајќи ги параболите, и доаѓа до 23 глава со осудата, каде се гледа Божјиот гнев кон оние кои дарот го земаат како сопственост и своето богатство го сведуваат на идеолошката тврдоглавост на својот ум. Да го молиме денес Господ за милост дарот да го примаме како дар и да го пренесуваме како дар, а не како сопственост, не на секташки начин, не на крут начин, не на клерикалистички начин – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк