Папата Фрањо на празникот Богојавление: Како мудреците да сонуваме, да трагаме, да се поклонуваме
Светиот Отец во проповедта за празникот Богојавление, 6 јануари рече дека мудреците кои одат во потрага по Господ потсетуваат на оние кои не се помируваат со апатичен живот, кои дозволуваат да бидат предизвикани. Мудреците кои се враќаат по друг пат нѐ поттикнуваат да тргнеме по нови патишта за на сите да им го донесеме Евангелието, рече Папата.
Црквата денес го слави празникот Богојавление Господово, односно неговото objavuvawe на светот преку сведоштвото на тројцата мудреци кои доаѓаат од далечни земји во витлеемската пештера. Во проповедта на светата Литургија во базиликата Свети Петар, папата Фрањо ги повика верниците да размислат за сопственото одење кон Исус.
Што ги поттикнало овие луѓе од Исток да тргнат на пат? Можеле да останат мирни во своите уверувања, рече Папата. Наместо тоа, дозволиле да бидат предизвикани од прашањето и знакот на небото – каде е роден? Нивното срце не дозволува да тлее во дувлото на апатијата, туку жедно е за светло; не се влече уморно во мрзеливост, туку ја запалува носталгијата за нови хоризонти. Нивните очи не се свртени на земјата, туку ги отвориле прозорците кон небото. Цитирајќи го својот претходник Бенедикт XVI, Папата кажа дека мудреците биле луѓе со немирни срца. Тоа биле мажи и жени во очекување кои не се помирувале со своите сигурни примања и општествената положба. Тие биле трагачи за Бог.
Нивната тајна се состои во желбата, продолжи Папата. Да сакаш, објасни Светиот Отец, значи да бараш надвор од непосредното, надвор од видливото. Тоа е да се прифати животот како таинство кое нѐ надминува, како секогаш отворена пукотнина која нѐ повикува да гледаме понатаму, затоа што животот не е само „овде“, тој е и „некаде на друго место“. Тоа е како празно платно на кое треба да му се даде боја, рече Папата. Големиот уметник Ван Гог напишал дека потребата за Бог го терала ноќта да црта ѕвезди. Такви Бог нѐ создал: битија со желби; насочени како мудреците, кон ѕвездите.
Тие се желби кои нѐ тераат да ги надминеме воспоставените навики, вера која се повторува и која е уморна, продолжи Папата. Потребна е желба, „внатрешен импулс“ на нашиот животен пат, вера на нас како Црква. Нели сме премногу долго закочени, праша Папата, закотвени во конвенционалната, надворешна, формална религија која повеќе не ги грее срцата и не го менува животот? Придвижуваат ли нашите зборови во срцата на луѓето желба за одење кон Бог, или се „мртов јазик“ кој зборува само за себе и за самиот себе?
Светиот Отец истакна многу верници и заедници кои се борат со кризата на верата заради „исчезнувањето на желбата за Бог“. Премногу се загледавме во мапите и заборавивме да гледаме во Небото; полни сме разни работи, но без носталгија за она што ни недостасува. Фокусирани сме на потребите, на она што ќе јадеме и облечеме, пуштајќи да исчезне копнежот за она што нѐ надминува, предупреди Папата.
Светиот Отец поттикна на лично преиспитување каков е „патот на нашата вера.“ Поттикна да одиме со мудреците за да научиме да ја „негуваме желбата.“ Од нив можеме да научиме неколку работи, истакна Петровиот наследник.
Најпрво тие тргнуваат на пат по излегувањето на ѕвездите, нѐ учат како секој ден мораме одново да тргнеме, како во животот, така и во верата, затоа што верата не е оклоп кој нѐ затвора, туку восхитувачко патување, континуирано и немирно движење, секогаш во потрага за Бог.
Потоа мудреците поставуваат прашање за тоа каде е Исус. Потребно е да се преиспитаат и да ги слушат прашањата кои ни ги поставува Бог и луѓето на нашето време. Мудреците нѐ поттикнуваат да имаме храбра вера која не се плаши да ги предизвика мрачните логики и да стане семе на правдата и братството.
На крајот Папата рече дека мудреците се вратиле по друг пат. Тоа е креативноста на Духот Кој секогаш ги прави нови работите. Тоа е исто така една од задачите на синодата – истакна папата Фрањо, да одиме заедно во слушање, за Духот да може да предложи нови патишта, начини како да го донесе Евангелието во срцето на оние кои се рамнодушни, одалечени оние кои ја загубиле надежта, но кои го бараат она кое мудреците успеале да го пронајдат – големата радост.
Меѓутоа постои клучен момент на нивното патување, рече папата. Пристигнувајќи на местото, мудреците пред Детето се поклониле. Истакнувајќи ја важноста на поклонувањето, да се биде во Божјо присуство, Папата рече дека само ако ја вратиме волјата за поклонување желбата ќе се обнови. Желбата за Бог расте само во присуството пред Него затоа што само Исус може да ги преобрази нашите срца, напомена тој. Таму ќе имаме сигурност како мудреците дека и во најмрачните ноќи, ѕвездата сјае. Таа е Исусовата ѕвезда која доаѓа да се грижи за нашето кревко човештво. Да тргнеме кон Него, повика Папата. Да не даваме на апатијата и рамнодушноста моќ да нѐ доведат во тажна и банална егзистенција. Светот од верниците очекува нов поттик за небесни работи.
Папата ја заврши проповедта со повикот сите како мудреците да бидеме „немирни трагачи“, отворени за Божјите изненадувања и даде три упатства: „да сонуваме, да трагаме, да се поклонуваме.“
Ватикан њуз/к.мк