Папата Фрањо: Мора да се стави крај на војната пред да биде избришан човекот од историјата
Откако ја измоли молитвата Ангел Господов во недела 27 март 2022 година, Папата уште еднаш апелираше за прекин на војната во Украина. Неопходно е да се отфрли војната, место на смрт каде татковците и мајките ги закопуваат своите деца, каде што луѓето ги убиваат своите браќа без да ги видат, каде одлучуваат моќните, а умираат сиромашните – нагласи Светиот Отец.
Папата Фрањо уште еднаш се заложи за мир во Источна Европа. Откако на 25 март го посвети човештвото, посебно Русија и Украина, на Безгрешното Срце на Марија, за време на обраќањето по молитвата Ангел Господов, тој повторно повика да замолчи оружјето и да прекинат судирите.
Помина повеќе од еден месец од почетокот на инвазијата на Украина – потсети Папата – од почетокот на таа сурова и бесмислена војна која како и секоја војна е пораз за сите нас. Потребно е да се отфрли војната, место на смрт каде татковците и мајките ги закопуваат своите деца, каде што луѓето ги убиваат своите браќа без да ги видат, каде одлучуваат моќниците, а сиромашните умираат, нагласи Светиот Отец.
Војната ја уништува не само сегашноста, туку и иднината на општеството, рече Светиот Отец и истакна дека секое друго дете е раселено од земјата од почетокот на нападот врз Украина. Тоа значи уништување на иднината, предизвикување драматична траума кај најмладите и најневините од нас – нагласи Папата.
Повторно нарекувајќи ја војната варварски и светогрден чин, папата Фрањо рече дека војната не може да биде нешто неизбежно, не смееме да се навикнеме на војна. Напротив, денешнaта огорченост мора да ја претвориме во утрешна заложба. Ако излеземе од оваа приказна како досега, сите ќе бидеме виновни на некој начин, рече папата Фрањо. Соочени со опасноста од самоуништување, човештвото сфаќа дека е дојдено време да се стави крај на војната, да се избрише од човечката историја пред таа да го избрише човекот од историјата.
Светиот Отец уште еднаш повика на молитва за мир. Се молам секој политички лидер да размисли за тоа, на тоа да се посвети. Гледајќи ја напатената Украина, да се разбере дека секој ден од војната, ситуацијата се влошува за сите. Затоа, Папата го повтори својот апел да замолчи оружјето и сериозно да се работи за мир. Тој ги замоли присутните верници да ја измолат со него молитвата Радувај се Маријо, Богородице, Царице на мирот.
Ватикан њуз/к.мк