Папата Фрањо го обедини својот глас со бискупите на Нигер во повикот за мир во земјата и упати молитви за напорите на меѓународната заедница да се најде мирно решение што е можно поскоро за доброто на сите луѓе во Нигер и регионот Сахел.
По неделната молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, во недела 20 август 2023 година, папата Фрањо рече дека загрижено ја следи ситуацијата во западноафриканската држава Нигер. Тој истакна дека го обединува својот глас со апелот на епископите за мир во земјата и стабилност во регионот Сахел.
Папата рече дека со своите молитви ги следи напорите на меѓународната заедница за што поскоро изнаоѓање мирно решение за доброто на сите луѓе.
„Да се помолиме за драгиот народ на Нигер“. Папата повика и на молитва за мир во целиот свет. „Да молиме за мир на целото население рането од војна и насилство, посебно за Украина, која толку долго страда.
Западноафриканските црковни водачи, исто така, апелираа за мирно решение на ситуацијата во Нигер, изразувајќи противење на каква било воена интервенција.
Во изјавата споделена со медиумите минатата недела, членовите на регионалната конференција на вишите поглавари на Западна Африка го повторија апелот на Регионалната бискупска конференција на Западна Африка до Економската заедница на западноафриканските држави да бара други форми на интервенција за решавање на кризата, почнувајќи со барање преговори.
„Се придружуваме на повиците за воздржаност, претпазливост и одговорност на Економската заедница на западноафриканските држави и другите регионални и меѓународни тела во оваа деликатна ситуација“, стои во соопштението.
Ватикан њуз/к.мк