Папата Фрањо: Молитвите на бабите и дедовците и постарите можат да помогнат да се променат срцата
На 10 мај 2022 година е објавена пораката на Светиот Отец за Вториот светски ден на бабите и дедовците и старите лица што ќе се одбележи на 24 јули. Папата ги повикува бабите и дедовците и постарите да бидат водачи во „револуцијата на нежноста“ и да ги поддржат со дела и молитви не само нивните внуци, туку и многу исплашени внуци кои се уште не ги запознале, а кои можеби бегаат од војната или страдаат од последиците.
Зборовите на псалмистот: „Во староста ќе бидат плодни“ (Псалм 91,14), од кои Папата е вдахновен за овогодинешната порака за Светскиот ден на бабите и дедовците, се во спротивност со она што светот мисли за оваа фаза од животот, но и со ставот на мрачна резигнација.прикажана од некои постари луѓе кои малку очекуваат од иднината, но овие зборови се вистинско „евангелие“ кое може да им се навести на сите на Вториот светски ден на бабите и дедовците и постарите. Како што пишува Папата: Благословена е куќа во која живеат стари лица! Благословено е семејствотот кое оддава почит на старите!
Да се разбере и цени староста
Сепак, староста е време од животот, кој не е лесно разбирлив ниту од оние кои ја живеат, признава Светиот Отец. Поразвиените општества трошат големи суми за тој период од животот без да им помогнат на луѓето вистински да ја разберат и ценат таа фаза.
Во пораката на Папата се спомнува на предизвиците со кои се соочуваат постарите: од пензионирањето и возрасните деца – така што многу од работите што порано ги окупирале стануваат помалку важни; поткопување на безбедноста при признавањето дека силата слабее; брзото темпо на светот со кое се борат да бидат во чекор, што не остава друга алтернатива освен имплицитно да ја прифатат идејата дека се бескорисни. Можеме да сочувствуваме со псалмистот, пишува Папата, кој се моли: „Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме“ (Псалм 70, 9).
Стареењето не е осуда, туку благослов
Сепак, продолжува Папата, истиот овој Псалм, кој се одразува на Божјото присуство во секој период од животот, поттикнува на истрајност во надежта. Со староста и седата коса, Бог продолжува да ни дава дар на животот и да нѐ чува за да не бидеме поразени од злото. Ќе видиме дека стареењето е нешто повеќе од само природно стареење на телото или неизбежно минување на времето, туку дека долгиот живот е дар. Стареењето не е осуда, туку благослов, повторува Папата. Поради оваа причина, Папата ги поттикнува постарите да се грижат за себе и да останат активни, што важи и за духовниот живот. Човекот треба да го негува својот внатрешен живот со вредно читање на Божјото Слово, секојдневно молитва, примање на Светите Тајни и учество во богослужбите.
Покрај односите со Бога, забележува Папата, треба да се негуваат и односите со другите, најпрво со покажување грижа за семејството, децата и внуците, но и за сиромашните и страдалниците. Овие работи ќе ни помогнат да не се чувствуваме како обични набљудувачи, да не седиме на нашите тремови или да гледаме низ прозорците додека животот се одвива насекаде околу нас. Наместо тоа, треба да научиме да го распознаваме присуството на Господ насекаде, истакнува Светиот Отец, додавајќи дека тие можат да станат благослов за оние што живеат покрај нив.
Придонес кон револуцијата на нежноста
Староста, потсетува Светиот Отец, е време на трајна плодност. Нѐ чека нова мисија и нè тера да гледаме кон иднината, пишува тој. Потсетувајќи се на неодамнешните зборови што ги кажа на Генералната аудиенција, на катехезата посветена за вредноста на староста, Папата рече дека посебниот сензибилитет што тие како постари луѓе го имаат за грижите, мислите и наклонетоста, што нè прават луѓе, треба повторно да стане повик за многумина. Тоа би било знак на нашата љубов кон помладите генерации, пишува Папата. Тоа ќе биде нивен придонес во револуцијата на нежноста и ќе ги поттикне да преземат активна улога во духовната и ненасилната револуција.
Нашиот свет минува низ време на тестови и искушенија, почнувајќи со ненадејно, насилно избувнување на пандемиатја, а потоа војна што штети на мирот и развојот на глобално ниво, пишува Петровиот наследник и истакнува: Не случајно војната се враќа во Европа во време кога изумира генерацијата која ја доживеа во минатиот век. Овие големи кризи ризикуваат да нè анестезираат од реалноста на други „епидемии“ и други широко распространети форми на насилство кои му се закануваат на човечкото семејство и нашиот заеднички дом.
Чувајте ги во срцата малите кои бегаат од војната
Сето ова ја покажува потребата за длабока промена, за преобраќање што ги разоружува срцата и нè наведува да ги гледаме другите како наши браќа или сестри. Бабите и дедовците и постарите имаат голема одговорност, потенцира Папата: да ги научат жените и мажите на нашето време да гледаат на другите со истото разбирање и љубовен поглед со кој гледаат на своите внуци. Сега тие можат да бидат учители на мирен и внимателен начин на живот за оние во најголема потреба. Иако таквиот став може погрешно да се смета за слабост или резигнација, Папата не потсетува дека земјата ќе ја наследат кротките, а не угнетувачите и насилниците (сп. Матеј 5,5).
Едно од плодовите на кои се повикани да го донесат е заштитата на светот. Време е да ги поддржат не само своите внуци со практична помош или молитва, туку и многу исплашени внуци кои сè уште не ги сретнале, а кои можеби бегаат од војната или трпат од нејзините последици. Тој повика, како Свети Јосиф, да ги чуваат децата од Украина, Авганистан и Јужен Судан во нивните срца…
Молитвата е највредното средство
Не се спасуваме сами, а среќата е лебот што го кршиме заедно. Папата ги поттикна постарите луѓе да сведочат за ова мудро и скромно знаење пред оние кои погрешно мислат дека можат да најдат лично исполнување и успех во конфликтот. Самиот факт што дозволуваме да нè згрижуваат – честопати луѓе кои доаѓаат од други земји – говори дека заедничкиот живот во мир не само што е возможен, туку и неопходен, нагласува Светиот Отец.
Бабите, дедовците и постарите се повикани да бидат „мајстори“ на револуцијата на нежноста во денешниот свет, потсети Папата и додаде дека сѐ почесто треба да се користи највредното средство со кое располагаат: молитвата. Нашата доверлива молитва може да направи многу: може да ги придружува криците на болката на оние кои страдаат и може да помогне да се променат срцата, нагласува Петровиот наследник.
Одбележување на Светскиот ден на бабите и дедовците
Светскиот ден на бабите и дедовците е можност уште еднаш, со радост да се објави дека Црквата сака да го прослави заедно со сите оние кои Господ – според Библијата – „ги исполнил со денови“. Светиот Отец повика тој ден да се празнува во заедништво и да се погрижи никој на тој ден да не се чувствува осамен. Посетата на старите лица кои живеат сами е дело на милосрдие во ова наше време, додава Светиот Отец.
Пораката ја завршува со молитва за застапништво на Богородица, Мајка на нежната љубов, да нѐ направи сите „мајстори“ на револуцијата на нежноста, за заедно да го ослободиме светот од сенката на осаменоста и демоните на војната.
Ватикан њуз/к.мк