Во базиликата Света Марија Велика, Папата на последниот ден од месецот посветен на Богородица ја предводеше Светата Бројаница за мир во светот. Светиот Отец се помоли Дева Марија да ги помири срцата полни со насилство и жед за одмазда.
Вечерва, на крајот на месецот посебно посветен на Тебе, еве сме повторно пред Тебе, Царице на мирот, да се молиме: дарувај ни го големиот дар на мирот, брзо нека завршат војните што со децении беснеат во различни делови на светот, која сега дојде и на европскиот континент.
Ова е молитвата со која Фрањо ја отвори „Бројаницата на мирот“ во базиликата Света Марија Велика на литургискиот празник Посета на Марија. Верници, семејства и заедници се собраа во римската базилика по покана на Папата, кој за време на молитвата Царице небесна минатата недела ги покани на заедничка молитва за мир во светот. Желбата на Папата е оваа молитва да биде знак на надеж за светот кој страда од конфликтот во Украина и е длабоко ранет од насилството во многу други вооружени конфликти, со свесност дека „мирот не може да биде само резултат на преговори или политички договори, тој пред сѐ е дар.“
Откако положи цвеќе во подножјето на статуата на Богородица, поставена во 1918 година од Бенедикт XV за да се помоли за прекин на Првата светска војна, Папата ги прочита своите молитвени накани. Во нив, тој потсети на молбите упатени до Дева Марија за време на пандемијата, „да ги поддржи болните и да го зајакне медицинскиот персонал“ и „да моли за милост за оние кои у мираат и да ги избрише солзите на оние што страдаат во тишина и осаменост.” Папата го спомена и посветувањето на Безгрешното срце на Марија на 25 март за завојуваните народи и молбата за „големиот дар за преобраќање на срцата“.
Убедени сме дека со оружјето на молитвата, постот, милосрдието и дарот на твојата благодат, срцата на луѓето и судбината на целиот свет можат да се променат. Денеска кон Тебе ги воздигнуваме нашите срца, Царице на мирот: посредувај за нас пред Твојот Син, помири ги срцата исполнети со насилство и жед за одмазда и измени ги мислите на заслепените од желбата за лесно богатење. Твојот мир нека владее трајно низ целата земја.
Пред да се измолат жалните таинства на Светата Бројаница, Папата преку Царицата на мирот Му го довери на Бога целото човештво „исцрпено од војни и вооружени судири“. Марија, која ја посети Елисавета, е наречена „жена мисионерка која ја шири и ја споделува радоста од навестувањето на Радосната вест и жена на милосрдието, ставајќи се во служба на најранливите“.
Украинското семејство, кое ги претставува сите семејства кои го доживеале насилството и злоупотребата на војната, ја посветија десетката на жртвите од војната, особено за најранливите: децата, стари лица, болни. Се молиме за растурените семејства; за татковците и мајките кои го чекаат враќањето на своите деца и за децата кои го чекаат враќањето на татковците и мајките од бојното поле и никој да не страда неправедно“.
Потоа следуваа воените капелани, чии молитвени накани се за оние кои носат надеж и утеха на погоденото население; волонтер и волонтерка ја посветија десетката за оние кои продолжуваат да ја вршат својата непроценлива служба за другите дури и во ситуации на голема опасност и несигурност; едно сириско семејство и Венецуелец се молеа за оние кои неправедно страдаат од конфликтите; неколку бегалци се молеа за луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови и се обидуваат да ги обноват своите животи во други земји.
Во молитвата „Бројаница за мир“, која ја предводеше Папата во базиликата Света Марија Велика, пред статуата на Марија Царица на мирот, се приклучија и светилишта од целиот свет. Ова го соопшти прес-центарот на Ватикан во соопштението објавено од Папскиот совет за промовирање на новата евангелизација.
На крајот од Светата Бројаница, предводена од Папата, кој беше во количка поради постојани болки во коленото, накратко застана во молитва пред иконата на Богородица, Спасение на римскиот народ. Откако ја напушти базиликата Света Марија Велика, Светиот Отец со автомобил се врати во Домот Света Марта во Ватикан. Според Канцеларијата за печат при Светиот Престол, околу 900 луѓе кои ги претставуваат членовите на Божјиот народ учествувале во молитвата за мир во базиликата Света Марија Велика. На крајот од молитвата, Светиот Отец остави рачно напишана молитва пред статуата на Богородица: „Мајко, те молам, за светост на свештенството. Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк