Папата Фрањо меѓу сиромашните и бегалците: Црквата треба да зборува со јазикот на милосрдието
Папата во Будимпешта се сретна со последните, ги слушаше нивните сведоштва и ја предупреди Црквата на големата потреба да се нахрани желудникот и срцето на народите. Верата, советуваше, не треба да биде жртва на некој вид духовна себичност по мерка на сопствениот внатрешен мир. Вистинска вера е таа која е неудобна и која води до средба со сиромашните.
Милосрдието не значи само внимание за материјалните потреби, бидејќи освен тоа тука е и животот и достоинството на луѓето и нивната потреба да се чувствуваат сакано и добредојдено. Тоа е говорот на милосрдието што го зборуваше и света Елизабета, која е особено почитувана од унгарскиот народ – рече папата Фрањо на средбата со сиромашните и бегалците на вториот ден од посетата на Унгарија, сабота 29 април 2023 година, во црквата „Света Елизабета Унгарска“ во Будимпешта. Таа која го следеше примерот на Фрањо Асишки – додаде тој, лишувајќи се од удобноста на нејзиниот сталеж го посвети својот живот на последните.
Тоа важи за целата Црква; не е доволно да се даде леб што го храни желудникот; потребно е да се нахранат срцата на луѓето! Милосрдието не е само материјална и социјална помош, туку е грижа за целата личност и сака да ја подигне на нозе со љубовта кон Исуса; со љубова која помага да се врати убавината и достоинството. Правењето милосрдни дела значи да се има храброст да се погледне на луѓето во очи; не можеш да му помогнеш на друг гледајќи на другата страна. За да правите добротворни дела потребна е храброст за да допрете; не можеш да фрлаш милостина од далечина, без допирање. Допрете и погледнете, и со допирањето и гледањето почнувате да одите со таа личност која има потреба, што ќе ви помогне да разберете колку ви треба погледот и раката на Господ.
Околу 600 луѓе се собраа во црквата каде што Папата се сретна со сиромашните и бегалците, а околу 1000 присуствуваа на плоштадот пред црквата. Светиот Отец ги слушаше сведоштвата на луѓето кои проживеале страдања и сиромаштија, кои избегале од војната, оние кои останале без покрив над главата, кои останале сами, обележани со сиромаштија и кревкост и се заблагодари на црквата во Унгарија за служењето на оние кои имаат потреба.
Тоа е сведоштвото што се бара од нас: сочувство за сите, особено за сиромашните, болните, оние во тага… сочувство што значи „чувство со другите“. Потребна ни е Црква која течно го зборува јазикот на милосрдието, универзален јазик што сите го слушаат и разбираат, дури и оние кои се најоддалечени и оние кои не веруваат.
Сиромашните ни го покажуваат предизвикот – истакна Светиот Отец – да не дозволиме верата да стане жртва на некаква духовна себичност, духовност изградена според мерката на сопствениот мир и задоволство.
Вистинската вера, напротив, е онаа која вознемирува, која ризикува, која нè поттикнува да излеземе да се сретнеме со сиромашните и нè прави способни да зборуваме со јазикот на милосрдието во животот. Како што вели свети Павле, можеме да зборуваме на сите јазици, да поседуваме мудрост и богатство, но ако немаме љубов, немаме ништо и не сме ништо.
Бог не ги решава проблемите од високо; неговата прегратка и неговата близина се изразуваат преку сочувството на оние кои не остануваат рамнодушни на плачот на сиромашните. Затоа, папата Фрањо изрази благодарност до Црквата во Унгарија за широкото капиларно ангажирање во добротворни активности преку Каритас, волонтерите, пасторалните работници, но и преку соработката со другите религии, обединети во екуменското заедништво што произлегува токму од милосрдието.
Тој особено се заблагодари за приемот што им е овозможен на оние кои бегаат од Украина, а во кои, благодарение на добиеното гостопримство, надежта повторно се појави во Будимпешта, охрабрувајќи ги да започнат нов животен пат.
Имено, кога ќе се прими мелемот на љубовта, храброста да се оди напред се наоѓа дури и во болката и страдањето; тоа е силата што помага да се верува дека сè не е изгубено и дека е можна поинаква иднина. Љубовта што ни ја дава Исус и ни заповеда да живееме, на тој начин придонесува да се искорени злото на рамнодушноста од општеството, градовите и местата во кои живееме; рамнодушноста е зло, зло на себичноста; и повторно ја буди надежта за ново, поправедно и побратско човештво, каде секој може да се чувствува како дома.
Затоа папата Фрањо на крајот ги поттикна присутните секогаш да зборуваат со јазикот на милосрдието, по примерот на света Елизабета, чиј леб за сиромашните беше претворен во рози, за љубовта дадена на гладните направи да расцути радост и да го исполни животот со мирис.
Ватикан њуз/к.мк