На крајот од Генералната аудиенција, папата Фрањо потсети на Светскиот ден на молитва за Католичката црква во Кина, кој се совпаѓа со празникот Марија Помошничка на христијаните, која се почитува во храмот Шешан во Шангај. Тој ја изрази својата блискост со верниците во Кина, посакувајќи Евангелието да се објави „во полнота и слобода“ и повторно поттикна на молитва за Украина
Ги повикувам сите да ја воздигнат својата молитва кон Бога, за да може радосната вест за распнатиот и воскреснат Христос да биде објавена во својата полнота, убавина и слобода, донесувајќи плодови за благосостојба на Католичката црква и на целото кинеско општество.
Заедно со верниците собрани на плоштадот Свети Петар на Генералната аудиенција во среда, 24 мај 2023 година, меѓу кои беа и капеланите на кинеската католичка заедница во Италија, папата Фрањо ја изрази својата блискост со сите верници во Кина, на Светскиот ден на молитвата за Католичката црква во таа земја. Тој, освен тоа, истакна дека со нив ги споделува нивните радости и надежи, но и страдањата на пастирите и верниците и посака Евангелието да се објави во полнота и слобода.
Римскиот бискуп потсети дека Светскиот ден на молитва за католиците во Кина, кој се слави во црквите и светилиштата во таа земја и ширум светот, се совпаѓа со празникот на Пресвета Богородица Помошничка на христијаните, која се почитува и во храмот на Пресвета Богородица од Шешан во Шангај.
Имено, во своето пророчко писмо до католиците во Кина во 2007 година, папата Бенедикт XVI изрази желба споменот на Пресвета Богородица, која се почитува со голема посветеност во храмот во Шангај, да стане повод католиците од целиот свет да се обединат во молитва со црквата во Кина.
Папата Фрањо затоа истакна:
Во оваа прилика би сакал да ја изразам мојата блискост со нашите браќа и сестри во Кина, споделувајќи ги нивните радости и надежи. Светиот Отец посебни мисли упати кон оние кои трпат, пастирите и верниците, за да добијат утеха и поттик во заедништвото и солидарноста со општата Црква.
Светиот Отец повика утеха и за народот во Украина, каде нападите продолжуваат, а луѓето продолжуваат да живеат во смрт и очај. Таму многу страдаат – рече тој упатувајќи ја својата молитва до Марија Помошничка на христијаните.
Сите сме уште тажни за напатената Украина, има толку многу страдања таму… Да не го заборавиме тоа. Ја молиме Марија Помошничка на христијаните да биде блиску до украинскиот народ.
Ватикан њуз/к.мк