Папа Фрањо вчера ги прими во аудиенција членовите на Витезите на Колумбо, редот кој пред 100 години го востанови чесниот слуга Божји отец Мајкл Мек Гивни, и им се заблагодари за нивната посветеност во корист на христијанските заедници на Блискиот Исток, жртвите на војни, сиромаштвото и прогонствата.
Витезите на Колумбо така стогодишнината од своето каритативно делување ја прославија со Петровиот наследник. Папата се осврна на многуте дела кои тој ред ги оствари после Првата светска војна. Во тие мрачни години каде недостасувала дури и храната, Витезите на Колумбо, на повик на Бенедикт XV, великодушно одговорија на секоја хуманитарна потреба на населението. И не само тоа. Тие основаа – како што напомена папата Фрањо – спортски центри за млади, училишта и куќи, посветувајќи се на образованието и катехизмот.
Завземање за Блискиот исток
Папата потоа истакна уште еден важен аспект на нивното делување, и им заблагодари затоа што се знак на Божјата љубов посебно за бегалците и прогонетите. Особено мислам на вашето верно сведочење на светост и достоинство на човечкиот живот, и тоа како на локално така и на национално ниво. Тоа уверување ве поттикна материјално и духовно да ги подржувате христијанските заедници на Блискиот Исток, затоа што во прогонетиот и избеганиот брат и сестра од тоа подрачје ги гледате своите ближни, за кои сте знак на бесконечната Божја љубов – истакна Папата.
Да се надмине глобализацијата на рамнодушноста
Поради заземањето за најпотребните, посветеноста кон Папата и воспоставувањето на фондот Vicarius Christi за да одговорат на универзалното послание на милосрдието на Црквата, тоа братство кое го основа чесниот слуга Мајкл Мек Гивни е – според зборовите на Папата – пример кој треба да се наследи за да се направи барем обид да се спаси светот од културата на отфрлањето и глобализација на рамнодушноста. Во нашиот свет кој е обележан со поделби и нееднаквости, вашето великодушно завземање во служењето на сите кој се во потреба овозможува, и тоа особено на младите, важна инспирација за надминување на глобализацијата на рамнодушноста и заедничка изградба на поправедно и инклузивно општество – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк