Не заборавајте денес да измолите барем една кратка молитва за нашиот Папа.
Хорхе Марио Бергољо е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина. На 21 година одлучува да стане свештеник. Влегол во богословијата во Вила Девото, а потоа пристапил во новицијат кај Исусовците.
За свештеник е ракоположен на 13 декември 1969 година, па така минатата недела ја прослави 51-годишнината од неговото свештеничко ракополагање Беше провинцијал на Исусовската провинција во Аргентина од 1973 до 1979 година.
За надбискуп на Буенос Аирес е именуван во 1998 година, а за кардинал во 2001 година. Како надбискуп, тој патувал со јавен превоз и наместо да живее во бискупската палата, живеел во изнајмен стан, добивајќи го прекарот „кардинал на сиромашните“.
За 266. поглавар на Католичката црква е избран на 13 март 2013 година.
„Браќа и сестри, добра вечер. Знаете дека должноста на конклавата беше да избере римски епископ. Изгледа дека кардиналите решија да го побараат скоро на крајот од светот“, се пошегува Папата на сметка на своето аргентинско потекло за време на неговото прво обраќање пред околу 200 илјади луѓе после изборот за поглавар на Црквата.
Еден ден по изборот за Папа, ја посети базиликата Света Марија Велика и ги поздрави таму присутните исповедници еден по еден. По тој повод Папата рече: „Милосрдие, милосрдие, милосрдие. Вие исповедниците, бидете милосрдни кон душите. Тоа им е потребно“. Акцентот на Божјото милосрдие остана до денес како една од основните одлики на понтификатот на папата Фрањо.
И, се разбира, не заборавајте посебно денес, да измолите барем една кратка молитва за нашиот Папа.
Битно нет/к.мк