Папата Фрањо: Да дозволиме доброто да нè зарази
Папата Фрањо пред молитвата Ангел Господв на 15 февруари порача да дозволиме Исус да нè допре во светата Тајна Исповед која оздравува од лепрата на гревот.
Да дозволиме доброто да нè зарази и со него да ги заразиме другите – се зборовите со кои папата Фрањо им се обрати на собраните на 15 февруари пред Ангел Господов. Исус во денешното Евангелие е претставен како Оној Кој се бори и го совладува злото каде и да наиде на него. Во денешниот дел во пресрет му доаѓа лепрозен. Лепрата е заразна болест која ја осакатува личноста, а која била симбол на нечистотија: лепрозниот морал да биде исклучен и да престојува надвор од населбата и – во случај да му се приближи минувач – ќе го извести за своето присуство. Бил маргинализиран општествено и политички. Бил како мртовец – рече папата Фрањо.
Оздравувањето на лепрозниот се одвива во три фази: молбата на болниот, Исусовиот одговор и последиците од чудесното оздравување. Лепрозниот молел на колена: Ако сакаш, можеш да ме очистиш. На ова молитва со понизност и доверба Исус одговара со својата сомилост. Сомилост или на италјански compassione значи: заедно да трпиш или да сострадаш со некого. Христовото лице ја манифестира Божјата татковска сомилост кон оној кој му доаѓа и го допира, го очистува и ослободува од лепрата. Божјото милосрдие ја надминува секоја пречка; Исусовата рака го допира лепрозниот. Тој не се држи подалеку на сигурно, ниту испраќа некој друг во свое име, туку директно се изложува на нашата заразна болест, со што нашето зло станува местото на допирот со Него: Он, Исус од нас ја презема наша болна човечност, а ние од него, од неговата здрава и оздравувачка човечност – рече Папата.
Ова се случува секој пат кога со вера примаме некоја од светите Тајни: Исус нè допира и ни ја дава својата милост. Во овој случај посебно мислиме на светата Тајна Помирување или Исповед која нè оздравува од лепрата на гревот. Евангелието уште еднаш ни го покажува Божјото делување во однос на нашето зло: Бог не доаѓа за да ни одржи лекција за болката; ниту доаѓа да го отстрани злото, страдањето и смртта; доаѓа пред сè на себе да го преземе товарот на нашата човечка состојба – и тоа потполно и до крај – за да нè ослободи во потполност. Така Христос го совладува злото и страдањето во светот: преземајќи го на себе и победувајќи го со силата на Божјото милосрдие.
На нас пак Евангелието денес ни зборува доколку сакаме да бидеме вистински Исусови ученици, повикани сме да останеме – во заедништво со Него – средства на Неговата милосрдна љубов, надминувајќи го секој облик на маргинализирање. За да станеме следбеници Христови (1Кор 11,1) пред сиромавиот или болниот не смееме да имаме страв да го погледнеме во очи и да му се приближиме со нежност и љубезност и да го допреме и прегрнеме. Нека чинот на помош стане и чин на комуникација: и ние исто така имаме потреба од нив да бидеме прифатени: чин на нежност и љубезност – рече Папата и запраша:
Туку сега вас ве прашувам: Кога помагате на други ги гледате ли во очи? Ги примате ли без страв од допир? Ги примате ли со нежност? Размислете за ова: им помагате ли оддалеку или нежно и одблизу? Ако злото е заразно и доброто е исто така. Поради тоа доброто во нас треба се повеќе да изобилува. Да му дозволиме да нè зарази и со него да ги заразиме другите – истакна Светиот Отец започнувајќи ја молитвата Ангел Господов…
По молитвата, Папата на сите на Далечниот Исток и во светот кои се подготвуваат за прослава на Нова година според лунарниот календар упати желби за радост и мир. Тоа е пригода – рече – за повторно откривање и интензивно живеење на братството како скапоцена врска на семејниот и основите во општествениот живот. Ова годишно враќање на личните и семејните корени нека на тие народи им помогне во изградбта на општествата во кои меѓусебните односи и почитта бидат во согласност со правдата и милосрдието.
Светиот Отец потоа ги поздрави разните групи поклоници и оние кои пристигнаа по повод Конзисториумот за одблизу да ги следат новите кардинали за кои од присутните побара еден аплауз. Поздравувајќи ги на крајот сите присутни, ги отпушти на својот вообичаен начин, препорачувајќи се во нивните молитви.
РВ/Д.И.