По молитвата Царице небесна, на 21 мај 2023, папата Фрањо ги повика присутните верници на плоштадот Свети Петар да аплаудираат за новинарите, по повод Светскиот ден на социјалните комуникации, кој денеска се одбележува во многу земји.
На денешниот Светски ден на социјалните комуникации, кој годинава се одбележува на тема „Зборувај од срце“, папата Фрањо од прозорецот на Апостолската палата ги поздрави новинарите и другите комуникациски работници присутни на плоштадот Свети Петар, нагласувајќи дека срцето нѐ придвижува на отворена и гостољубива комуникација. Им се заблагодари на комуникациските работници за нивната работа, со желба секогаш да бидат во служба на вистината и општото добро.
Зборувај од срце
Во пораката објавена на 24 јануари, папата Фрањо објаснува како поттикот да се зборува од срце е радикално поврзан со нашето време, многу склоно кон рамнодушност и огорченост. Во драматичниот контекст на глобалниот конфликт што го доживуваме, итно е неопходно да се воспостави не-непријателска комуникација. Потребни ни се комуникатори вклучени за поддршка на целосно разоружување и ангажирање за отстранување на воената психоза што живее во нашите срца – нагласува Папата во пораката.
Освен тоа, упати силен апел да се оди против струјата за да се поддржи стремежот за мир, по примерот на Свети Фрањо Салешки. Неговото благо однесување, неговата човечност, неговата достапност за трпелив дијалог со сите, особено со оние кои му се спротивставуваа го направија посебен сведок на Божјата милосрдна љубов – напиша папата Фрањо во пораката за овогодинешниот Светски ден на социјални комуникации.
Ватикан њуз/к.мк