Во авионот на враќање од Бахреин, папата Фрањо зборуваше за Украина и бројните конфликти во светот. Го спомна и неговото пријателство со големиот имам од Ал-Азхар, потоа колку е важно на жените да им се дадат права и еднаквост, за мигрантите. На германските католици им препорача: „Германија веќе има голема Евангелска црква, не би сакал друга“.
Во недела 6 ноември 2022 година заврши 39. Апостолско патување на Папата во странство, при што тој го посети Бахреин. Папата Фррањо, како и обично, во авионот на враќање разговараше со новинарите кои патуваа со него и одговараше на нивните прашања.
Патување на средби
Првото прашање го постави новинар од Бахреинската новинската агенција, а Светиот Отец се осврна на штотуку завршената посета на таа земја и истакна дека тоа е патување на средби, бидејќи неговата цел била токму да присуствува на меѓурелигискиот дијалог со исламот и на екуменскиот дијалог со патријархот Вартоломеј.
Од муслиманска гледна точка, внимателно ги слушав говорите на големиот имам и бев изненаден од начинот на кој тој толку многу инсистираше на внатреисламски дијалог, не со цел да се избришат разликите, туку заради подобро разбирање и заедничка работа. Ние христијаните имаме малку грда историја на разлики што доведоа до верски војни. Сега, благодарение на Бога, по Соборот дојде до приближување и можеме да разговараме и да работиме заедно, а тоа е важно, тоа е сведоштво за правење добро на другите – истакна Папата, а особено ја спомена заедничката грижа за зачувување на созданието.
Документот за човечкото братство и ситуацијата во Либан
Одговарајќи на новинар од Либан, римскиот бискуп зборуваше за Документот за човечко братство, потпишан заедно со големиот имам на Ал-Азхар во Абу Даби пред три години, и објасни дека идејата за изработка на тој документ се родила на еден заеднички пријателски оброк во Ватикан и – како што кажа – ја искористивме средбата во Абу Даби за да ја објавиме.
Потоа продолжив да размислувам за тој документ, кој на тој начин стана основа на енцикликата „Fratelli tutti“ во која пишував за човечкото пријателство – додаде Светиот Отец. Верувам дека не може да се размислува за таков пат без да се размислува за посебниот Господов благослов. Мислам дека е добро за вас да знаете дека Господ го вдахнови тој пат.
Што се однесува до Либан, Папата истакна дека оваа земја е порака и има многу големо значење за сите нас. Во исто време, апелираше до либанските политичари да ги остават личните интереси настрана и да се фокусираат на земјата и договорите. Либан треба да се поддржи, да му се помогне да се врати неговата големина – рече Светиот Отец и ги охрабри сите да молат за таа земја.
Правата на жените
Папата Фрањо потоа опширно зборуваше за правата на жените и праша зошто жените треба толку многу да се борат за своите права? Еднаквоста меѓу мажите и жените сè уште не е генерално пронајдена, па се случува жените да се сметаат за втор ред. Мораме да продолжиме да се бориме за тоа, бидејќи жените се дар. Бог ги создал мажот и жената еднакви. Од оваа еднаквост произлегуваат сите права на жените – истакна Папата и додаде: Општество кое не е во состојба да ја постави жена на нејзиното место, не напредува. (…) Жените имаат поинаква дарба. Тие знаат да управуваат со работите на поинаков начин кој не е инфериорен, туку комплементарен. (…) Општество кое ги брише жените од јавниот живот е општество кое се осиромашува. Имено, важни се еднаквите права, но и еднаквите можности – истакна Папата.
Украина
Што се однесува до војната во Украина, Светиот Отец истакна дека Ватикан внимателно следи се и ја спомена неговата посета на руската амбасада и телефонските разговори со украинскиот претседател Зеленски. Тој истакна дека чувствува голема наклонетост кон рускиот и украинскиот народ, истакнувајќи го рускиот хуманизам и Достоевски, кој, како што рече, нѐ поттикнува и денес да размислуваме за христијанството.
Искористувајќи го прашањето за Украина, би сакал да се пожалам: за еден век, три светски војни! Онаа од 1914 до 1918 година, од 1939 до 1945 година и сега оваа! Ова е светска војна, бидејќи точно е дека кога империите слабеат, чувствуваат потреба од војна за да се чувствуваат силни и да продаваат оружје – истакна Папата, а потоа спомна и други делови од светот каде што има судири со години, како што е Јемен, Мјанмар, Етиопија, Сирија. Затоа вие, новинарите, ве молам бидете миротворци, зборувајте против војните, борете се против војната. Ве молам за тоа како брат – поттикна Светиот Отец.
Мигрантите
Што се однесува до мигрантите, папата Фрањо уште еднаш истакна дека треба да бидат прифатени, придружувани, промовирани и интегрирани. Покрај тоа, секоја влада на Европската унија треба да договори колку мигранти може да прифати. Животот мора да се спаси. Дали знаете дека Медитеранот денес е гробишта? – праша и потоа истакна дека миграциската политика треба да биде договорена меѓу сите земји. Одговорноста е европска – посочи Светиот Отец и конкретно ја спомена одговорноста во однос на Африка. Проблемот со мигрантите треба да се реши во Африка. Европа треба да се стреми да прави развојни планови за Африка – рече Папата.
Што може црквата во Германија да научи од црквата во Бахреин?
Германски новинар се интересираше дали Црквата во Германија може да научи нешто од малото стадо што го видоа во Бахреин, папата Фрањо најпрвин истакна дека Германија има голема и убава Евангелска црква и затоа не би сакал да има друга затоа што сигурно не би била толку добра како неа. Папата сака Католичка црква во братство со Евангелската црква. Некогаш го губиме религиозното чувство на народот, светиот, верен Божји народ, па запаѓаме во етички дебати – дебати за околностите, расправи кои имаат теолошки импликации, но не се суштина на теологијата.
Вреди да се види што чувствува светиот Божји народ? Треба да ја видите таа едноставна верност што можете да ја најдете кај бабите и дедовците. Не велам дека треба да се вратиме назад; но потребно е да се оди до изворот на вдахновението, до корените. Сите ние имаме историја на верски корени; и народите ги имаат, затоа треба повторно да се откријат! – рече Папата и истакна дека суштината на верата е средба со живиот Исус Христос. Од таа средба доаѓа храброста да се оди на периферијата, па дури и на моралните периферии на луѓето, за да им се помогне. Но, ако нема средба со Исус Христос, ќе има само етика маскирана во христијанство – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк