Трепезата треба да ја направиме место за средба и братство, а не само простор за разминување, расипништво и инает – поттикна папата Фрањо во пораката до учесниците на симпозиумот кој се одржа во Мадрид на 13 декември, на тема „Вода, земјоделство и исхрана – да изградиме иднина.“
Денешните предизвици кои се пред човештвото, се толку комплексни што бараат збир на идеи, обединети напори, дополнување на перспективите, и истовремено откажување од исклучивото самољубие и погубниот протагонизам – пишува Папата во пораката до учесниците на тој собир во организација на повеќе академски, општествени и црковни институции, со учество на Организација за исхрана и земјоделство на Обединетите нации.
Не смееме да се блокираме од бедните пресметки
Осврнувајќи се на темата на симпозиумот, Папата истакна дека библиската мудрост ја воочила цврстата поврзаност помеѓу дождот, родот и храната, од аспект на благодарност, а не на алчност или искористување. Затоа поттикнува на одговорност за да не попуштиме на бедните пресметки кои нè спречуваат да им помогнеме на оние во потреба, лишени од основните добра.
Да не дозволиме да нè повлечат интересите на малкумина
Папата потоа ги фали намерите на симпозиумот за да се изгради иднина што – како што пишува – ја содржи смислата за позитивното, придонесува за благосостојба, отвореност за другиот, взаемност и соработка. Тие се суштествени фактори за доследна, солидарна и великодушна соработка во општество кое во центарот ја става човечката личност и нејзините основни права и не дозволува да го повлечат спорните интереси со кои се збогатуваат само малкумина, но за жал секогаш истите. Тоа – според зборовите на Папата – ќе биде исто така начинот со кој на идните генерации ќе им бидат загарантирани потребните извори за да уживаат во полнота во достојниот живот.
Да се обработува земјата не предизвикувајќи штета
Светиот Отец затоа упатува апел да се донесат цврсти одлуки и да се постават темелите на праведно и инклузивно општество, кое ќе знае да го искорени злото глад, кое погодува голем дел од човештвото и покрај тоа што Земјата има природни богатства во количина и квалитет за сите луѓе; и општество кое знае да ја заштити животната средина, чувајќи ја нејзината убавина и штитејќи ја богатата разновидност на екосистемите, и грижливо обработувајќи го полето без алчност и не нанесувајќи непоправливи штети.
Куп неволји и беди
Кон Земјата треба да се однесуваме нежно, а не онака како што се случува на голем број подрачја на планетата, каде водата е загадена, каде се трупа отпад, уништувањето на шумите се зголемува, воздухот е лош, а тлото кисело – предупреди Папата и додава дека сето тоа создава штетен куп неволји и беди.
Да се познава вредноста на храната
Светиот Отец го осуди и расипувањето на храната; затоа е многу важно – истакна – да се воспитат децата и младите здраво да се хранат, а не едноставно да не јадат. Исправно да се храниш значи да ја познаваш вредноста на храната, да се ослободиш од френетичниот консумеризам и да направиш од трпезата место на средба и братство, а не само простор за разминување, расипништво и инает.
Дом кој ги прима сите луѓе
На крајот Папата изразува надеж дека на тој собир ќе созрее обновената волја за делување за да биде Земјата заеднички дом кој ги прима сите луѓе, дом на отворени врати, место за заедништво и благотворен соживот.
Ватикан њуз/к.мк