На 16 март 2025 година, Канцеларијата за печат на Светиот Престол објави фотографија од папата Фрањо кој моли по сослужувањето на светата Литургија. Ова е прва фотографија по неговата хоспитализација на 14 февруари. Здравствената состојба на папата Фрањо останува стабилна; продолжува со респираторна и моторна физикална терапија
Фотографијата сликана речиси одзади, го прикажува Папата во количка, облечен во стихар со виолетов епитрахил. На фотографијата се гледа како тој гледа во распетието на олтарот на капелата на десетиот кат каде оди да се моли секој ден, бидејќи неговата состојба е малку подобрена. Ова е прва фотографија на папата Фрањо откако е хоспитализиран во поликлиниката Гемели на 14 февруари. Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави фотографијата во недела вечер на 16 март 2025 година. Фотографијата е направена утрото, веднаш по светата Литургија, која се служеше во капелата во близина на неговиот апартман.
Се надеваме дека ќе го видиме Папата
Новинарите и јавноста со денови трагаа по фотографија од Папата. Последен пат имаше фотографии пред повеќе од еден месец кога папата Фрањо ги прими членовите на шпанската фондација „Gaudium et Spes“ во Домот Света Марта, ден пред да биде примен во болница. Оттогаш, никој освен лекарите кои го лекуваат него и неговите најблиски соработници, не можат да го види Папата. Неговиот уморен глас се слушна на аудио снимка од 6 март, емитувана за време на молитвата Бројаница на плоштадот Свети Петар, во која тој ги благослови верниците и им се заблагодари на оние кои се молат за него во ова време на болест. Потоа следеа различни пишани текстови, вклучително и катехези пред пладневната молитва Ангел Господов и Генералната аудиенција во среда, пораки и телеграми.
Утрово околу 200 деца од УНИЦЕФ и разни групи од Италија се собраа на плоштадот пред поликлиниката Гемели за да донесат цвеќе, балони и „симболична прегратка“ за Папата. Постојано гледаа во прозорците на десеттиот кат од болницата, надевајќи се дека ќе видат „нешто“ бело како се движи, а не само завеси што ветрот ги помрднува
Молитва, одмор, терапија
Молитвата е дел од неговата секојдневна рутина, заедно со одмор, фармаколошка терапија и респираторна и моторна физикална терапија, кои продолжуваат до ден-денес. Како што е соопштено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Папата посебно има корист од физикална терапија. На 16 март не прими посетители, продолжи малку да работи.
Здравствената состојба на Папата останува стабилна, што е веќе потврдено во последните денови, но сепак во рамките на клиничката слика која лекарите – како што се наведува во најновите билтени – ја сметаат за сложена. Медицинските извештаи последниве денови се поретки, токму поради стабилната здравствена состојба на Папата. Но, Канцеларијата за печат на Светиот Престол секојдневно ги информира новинарите (од почетокот на хоспитализацијата на Папата се акредитирани 700 новинари) за состојбата на Папата, кој во меѓувреме го продолжува секојдневниот живот во Римската поликлиника, која стана негова резиденција повеќе од еден месец. Ова е време на искушение – напиша тој во своето неделно размислување денес, 16 март – соединет со многуте болни луѓе кои се „кревки како мене во овој момент“.
Ватикан њуз/к.мк