Вашата молитва секој ден го збогатува „здивот“ на Црквата – рече папата Фрањо на групата од 120 монахињи бенедиктинки од сите континенти, учесници на симпозиумот на Меѓународната унија на бенедиктинките на тема „Нека сите бидат примени како Христос.“
Во говорот Светиот Отец веднаш го спомна духот и харизмата на свети Бенедикт кој и после 1500 години и понатаму делува во Црквата и во светот, како и Правилото на тој светец кој во заедницата втиснал јасен повик на гостољубивост и послушност, правејќи го свое Исусовото однесување опишано во Евангелието според Матеј која вели: „Странец бев и ме примивте.“
Прифаќање и нежност
Во светот денес има многу луѓе кои настојуваат во својот живот да ја живеат Христовата нежност, сочувство, милосрдие и прифаќање. На нив им давате скапоцен дар од вашето сведоштво кога се претворате во средства на Божјата нежност кон оние кои се во потреба – рече Папата и додаде: Вашето прифаќање на различните верски традиции придонесува како духовното помазание за напредување на патот на екуменизмот и меѓурелигискиот дијалот.
Напоменувајќи потоа дека бенедиктинските институции веќе со векови се места на прифаќање, на молитва и великодушна гостољубивост, Светиот Отец изрази надеж дека спомнатиот симпозиум ќе помогне во утврдувањето на новите начини за продолжување на тоа важно евангелско дело и покрај тешкотиите на сегашното време. Според зборовите на Папата потребен е конкретно прифаќање односно дела, но и молитва затоа што бенедиктинското мото вели: „Ora et labora“, „Моли и работи.“
Молитва
Вашата молитва секој ден можеме да кажеме го збогатува „здивот“ на Црквата – рече папата Фрањо и објасни: Тоа е молитва на пофалба со која го давате гласот на целото човештво, но и на сето создадено. Тоа е молитва на благодарност за безбројните и постојани Господови благодати. Тоа е молитва на просење за луѓето од нашето време, посебно за сиромашните, за нивното стрдање и грижите. Таа молитва се застапува за сите кои страдааат заради неправди, војни и насилство и чие достоинство се прекршува. Не се среќавате лично со тие луѓе, но сте нивни сестри во верата и во Телото Христово – рече Папата. Вредноста на вашата молитва не може да се изрази, но сигурно е многу скапоцен дар. Бог секогаш ги слуша молитвите на понизните срца полни со сочувство.
Зачувување на создаденото
Заблагодарувајќи им се на бенедиктинките за нивната посебна грижа за животната средина и за ангажирањето во зачувувањето на даровите на земјата за да можат сите да уживаат во нив, Папата рече дека знае дека монахињите бенедиктинки добро управуваат со Божјите дарови и како жени уште повеќе ја ценат убавината и хармонијата на создаденото, како што тоа го сведочат нивните манастири, тие места на голема убавина– во кои луѓето доаѓаат да се молат, да пронајдат тишина и да размислуваат восхитувајќи се на создаденото –рече Папата.
Заедништво во различноста
Светиот Отец потоа истакна дека нивниот живот во заедница ја сведочи важноста на љубовта и взаемното почитување, и рече дека тие доаѓаат од различни места и искуства, а и самите меѓусебно се поинакви. Заради тоа взаемното прифаќање – според зборовите на Папата – е првиот знак кој го даваат на светот кој тешко ја живее таа вредност. Сите сме деца Божји, а вашата молитва, вашата работа, вашата гостољубивост и великодушност се натпреваруваат во зачувувањето на заедништвото во различноста која ја изразува Божјата надеж за нашиот свет, односно единството во кое владеат мирот, взаемното прифаќање и братската љубов. Вие внесувате скапоцен дар во животот на Црквата, со своето женско сведочење на добрина, вера и великодушност, според примерот на Дева Марија. Вие сте Богородична икона; (…) кој ве гледа вас ја гледа Мајката Црква и Богородица, Христовата Мајка – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк