Папата се сретна со верските водачи во Мјанмар

Папата се сретна со верските водачи во Мјанмар

За папата Фрањо 28 ноември е денот за официјални средби во Мјанмар. После кратката пауза, по пристигнувањето во таа азиска држава, прекината со краткиот разговор со генералот Хлаинг во архиепископијата на Јонгон, денес Папата ќе се упати кон главниот град на земјата Наџидо.

Но рано тоа утро, повторно во архиепископијата, папата Фрањо се сретна со 17 верски лидери во Мјанмар, меѓу кои беа будисти, муслимани, хиндуиси, Евреи, католици и христијани од други деноминации. Средбата траеше околу четириесет минути. По одржаните говори на различни верски претставници, папата Фрањо се обрати импровизирајќи на шпански јазик. Цитирајќи го псалмот, Папата рече: Колку е убаво кога браќата живеат заедно.

Да се биде заедно не значи истоветност – истакна Светиот Отец и продолжи – заедништвото не е униформност, исто така ниту внатре во сопствените религии. Секој има свои вредности, свои богатства, па и свои недостатоци. Сите сме различни и секоја религија има свои богатства, своја традиција за да ги сподели со другите. Но, тоа може да се случи единствено ако се живее во мир. Мирот се гради во собирот на разликите: заедништво оди секогаш рака под рака со разликите – рече папата Фрањо.

Мирот е хармонија – објасни Папата – Во денешно време на светско ниво доживуваме тендеција кон едноличност, сите луѓе да се направат исти. Тоа го убива човештвото, станува збор за културна колонизација! Мораме да го сфатиме богатството на нашите разлики, етички и верски, и започнувајќи од тие разлики да влеземе во дијалог. Од тие разлики се учи еден од друг како браќа.

Светиот Отец ги поттикна присутните како браќа меѓусебно да си помагаат за да го изградат Мјанмар кој исто така географски поседува многу богатства и разлики. Напомена дека природата во таа азиска земја е многу богата во разликите. Да не се плашиме од разликите! – истакна папата Фрањо. Еден е нашиот Отец. Браќа сме. И понатаму да бидеме како браќа. А кога меѓусебно ќе се испокараме, нека тоа биде како меѓу браќа кои потоа се помируваат. Секогаш да се враќаме на тоа дека сме браќа. Сметам дека само на тој начин може да се гради мир.

Потоа присутните повторно ги повика да градат мир, да не дозволат културната колонизација да ги унифицира. Вистинската божествена хармонија нека ги надмине разликите кои не се пречки, туку богатство за мир – нагласи Папата и својот говор го заврши повикувајќи на присутните познатиот благослов од Книгата Броеви (6, 24-26): „Да те благослови Господ и да те чува! да погледна милозливо кон тебе Господ со светлото Свое лице на тебе и да те помилува; да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!’ Така да го спомнувате името Мое над синовите Израилеви, и Јас, Господ ќе ги благословам.”

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот