Папата Лав ја прими венецуелската политичарка и активистка во Апостолската палата на Ватикан.
На крајот од понеделничкото утро, 12 јануари 2026 година, исполнето со состаноци во Апостолската палата, папата Лав XIV ја прими Марија Корина Мачадо, поранешната членка на Венецуелското Национално собрание, која ја доби Нобеловата награда за мир во октомври 2025 година.
Апсењето на Мадуро на 3 јануари
Средбата се одржа околу 10 дена по заробувањето на Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес за време на американската воена операција позната како „Операција апсолутна решителност“ на 3 јануари во венецуелскиот главен град Каракас.
Мадуро, обвинет за трговија со дрога и наркотероризам, моментално е притворен во Метрополитен притворниот центар во Бруклин, САД.
Мачадо, венецуелска политичарка и активистка за човекови права, ја предводи либерално-конзервативната партија „Венте Венецуела“, која отсекогаш се спротивставувала на владата на Мадуро. Принудена да избега од земјата, таа отпатува во Осло во декември за да ја прими Нобеловата награда за мир.
Оваа недела – додека Венецуела привремено е управувана од Делси Родригез и додека се работи на транзиција поддржана од меѓународната заедница (во последните денови се појавија вести и за ослободување на неколку политички затвореници) – се очекува Мачадо да замине во Вашингтон на средба со претседателот Доналд Трамп, според неговите изјави.
Апелите на Папата за Венецуела
За време на неговото обраќање по молитвата Ангел Господов на 4 јануари – денот по заробувањето на Мадуро, за време на кое беа убиени околу 80 лица, вклучувајќи венецуелски и кубански воен персонал и цивили – папата Лав рече дека ги следи случувањата во Венецуела „со длабока загриженост“.
„Доброто на саканиот венецуелски народ мора да преовлада над секое друго размислување. Ова мора да доведе до надминување на насилството и до потрага по патишта на правдата и мирот, гарантирајќи го суверенитетот на земјата“, рече Папата од прозорецот на Апостолската палата.
Тој повика на почитување на „човековите и граѓанските права на секој човек“ и на заедничка работа за изградба на мирна иднина на соработка, стабилност и хармонија, со посебно внимание на најсиромашните кои страдаат поради тешката економска состојба.
Папата Лав го повтори својот апел за време на состанокот на 9 јануари со дипломатскиот кор акредитирани во Светиот Престол. Осврнувајќи се на Венецуела, тој повика на напори за изградба на „општество засновано на правда, вистина, слобода и братство, и на тој начин да се овозможи нацијата да излезе од тешката криза што ја мачи толку години“.
Тој, исто така, ги повика сите да „ја почитуваат волјата на венецуелскиот народ и да ги заштитат човековите и граѓанските права на сите, обезбедувајќи иднина на стабилност и слога“.
Ватикан њуз/к.мк

