Папата се помоли пред статуата на Безгрешното зачнување на Шпанскиот плоштад

Папата се помоли пред статуата на Безгрешното зачнување на Шпанскиот плоштад

По повод празникот Безгрешно зачнување на Блажена Дева Марија, папата Фрањо попладнето се помоли пред статуата на Безгрешната во Рим, кој со бројни градежни работи се подготвува за почетокот на Светата 2025 година.

Во Рим на 8 декември 2024 година се одржа традицијата која им е на срцето на Римјаните. На тој ден, на празникот на Безгрешното зачнување на Марија, Папата ја посетува статуата на Марија на Шпанскиот плоштад за да се помоли и да положи букет цвеќе.

Традицијата живее веќе 71 година, ја започна папата Пиј XII, кој на 8 декември 1953 година, во Маријанската година што ја прогласи, ја посети статуата на Марија во близина на Шпанските скали. Овој обичај го преземаа неговите наследници и оттогаш е дел од програмата на Папата во декември.

Папата Фрањо, ревен почитувач на Марија, со задоволство го почитува овој обичај. Претходно тој ден, посети уште едно место што му е драго: базиликата Света Марија Велика, една од четирите римски патријаршиски базилики. Таму на овој празник сакаше да се моли пред ликот на Марија „ Salus Populi Romani“, како пред и по патувањетата во странство.

После тоа, тој ги посети Шпанските скали, една од најпознатите римски улици, каде што го чекаа генералниот викар на Неговата Светост кардиналот Балдасаре Реина и градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери. И покрај студеното и дождливо време, илјадници верници стоеја покрај рабовите на улицата.

Многу групи и јавни личности положија букети цвеќе во подножјето на столбот висок 12 метри, на чиј врв се наоѓа бронзена статуа на Марија, дело на скулпторот Џузепе Обици. Според традицијата, цвеќето секогаш први го положуваат пожарникарите, во спомен на 220-те колеги кои го откриле споменикот на 8 декември 1857 година. Уште во 7 часот наутро пожарникарите се искачија на врвот на столбот за да ја украсат раката на Богородица со цвеќе.

Папата молитвено потсети дека Рим „се подготвува за нов јубилеј, кој ќе биде порака на надеж за човештвото притиснато од кризи и војни“.

Во врска со Светата година на надежта, која ќе ја отвори на Бадник со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар, папата Фрањо пред Богородица на Шпанскиот плоштад искажа молитва: „Твојот мајчински поглед допира подалеку. И ми се чини како да го слушам твојот глас полн со мудрост како ни вели: „Деца, овие дела се добра работа, но внимавајте: Не заборавајте на градилиштата на душата! Вистинскиот јубилеј се случува внатре: Во вашите срца, во семејните и општествените односи. Вашата внатрешност е местото каде што треба да работите, за да го подготвите патот за Господ кој доаѓа“.

Затоа е потребно да го тргнеме погледот од „надворешните градилишта“ – бурното темпо на нашето секојдневие кое ни го оттргнува вниманието од она што е важно – и да погледнеме во себе, рече Папата.

„Несакајќи, ризикуваме да бидеме целосно обземени од организацијата, работите што треба да се направат. А потоа благодатта на Светата година, која е време на духовна преродба, простување и општествено ослободување, тогаш таа јубилејна благодат не може добро да делува, дури може и малку да задуши“, истакна тој.

А Марија на почетокот на јавното делување на нејзиниот Син „ја предвидела драмата на затвореност и зависта, која создава насилство“. А сепак „нејзиното неизвалкано срце секогаш беше исполнето со љубовта на Срцето Исусово“, рече Папата.

На крајот, тој се помоли, велејќи: „И денес, Марија, ти ни велиш: „Слушај го Исуса! Што и да ви каже, направете!“ (Иван, 2, 5). Ти благодарам, Пресвета Богородице. Ти благодариме што сè уште ни го даваш Исус, кој е нашата надеж, во ова време на таква сиромашна надеж!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот