Папата се моли за жртвите од авионската несреќа во Бангладеш

Папата се моли за жртвите од авионската несреќа во Бангладеш

Откако борбен авион од Бангладеш се сруши врз училишна зграда, при што животот го загубија најмалку 31 лице, Светиот Отец Лав изрази сочувство, препорачувајќи ги упокоените на милосрдната љубов на Семоќниот“.

Папата Лав изрази „длабока жалост“ поради трагичната загуба на човечки животи, предизвикана од авионската несреќа во Бангладеш.

Најмалку 31 лице загинаа кога борбен авион од воздухопловните сили на Бангладеш се урна врз просториите на училишниот центар „Мајлстоун“, во главниот град Дака.

Во телеграма упатена во вторник, 22 јули 2025 година, Светиот Отец рече дека „ги препорачува душите на упокоените на милосрдната љубов на Семоќниот Бог“.

Во пораката, потпишана од државниот секретар на Светиот Престол, Неговата Еминенција кардинал Пјетро Паролин, се наведува дека Папата се моли за утеха во тагата на семејствата и пријателите на загинатите, како и за исцеление и духовна поддршка на повредените.

Во заклучокот на телеграмата, Светиот Отец моли за Божји благослов на мир и духовна сила за целата училишна заедница и за сите погодени од оваа трагедија.

Настанот претставува најтешка авионска несреќа во главниот град на Бангладеш во изминатите децении.

Во понеделникот, борбениот авион од типот Ф-7 БГИ, варијанта на кинескиот воен авион, се сруши во кампусот на училишниот центар „Мајлстоун“, лоциран во населбата Утара во Дака.

Според изјави на вооружените сили на Бангладеш, пилотот е меѓу загинатите. Повредени се 171 лице, најголем дел ученици и студенти, од кои многумина со изгореници.

Војската извести дека авионот полетал од воздухопловната база АК Кандакер, лоцирана во населбата Курмитола, во 13:06 часот по локално време, и кратко потоа се срушил, при што избувнал пожар. Истите извори наведуваат дека пилотот се обидел да го насочи леталото далеку од густо населените зони, но сепак удрил во двокатна зграда.

Се додава дека авионот имал„технички дефект“, а воздухопловните власти на високо ниво ќе спроведат детална истрага за утврдување на причините.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот