Папата: Секој крстен христијанин нека се чувствува повикан да биде знак на надеж во нашиот свет

Додека ходочесници и претставници на африканскиот континент служеа света Литургија во базиликата „Свети Петар“, папата Лав XIV дојде во ненадејна посета, обраќајќи им се ги повика сите да ја живеат нашата вера како знак на надеж во нашиот свет.
Во понеделник попладне, 26 мај 2025 година, во базиликата „Свети Петар“ се служеше света Литургија за амбасадорите на африканските земји кои се акредитирани во Светиот Престол, заедно со некои групи кои се дел од ходочестието по повод јубилејот.
На крајот од светата Литургија, која се одржа еден ден по 62-риот Ден на Африка, папата Лав XIV ненајавено се појави за да ги поздрави делегациите и да им упати охрабрување.
Во своите неформални забелешки, упатени на англиски јазик, Папата рече дека Светата 2025 година „нè вдахновува и нè повикува сите да бараме надеж, но и да бидеме знаци на надеж“.
„Колку е важно секој крстен човек да се чувствува повикан од Бога, да биде знак на надеж во денешниот свет“, додаде Папата.
Верата им дава сила на христијаните, продолжи тој, истакнувајќи дека нашата вера ни овозможува „да ја видиме светлината на Исус Христос во нашите животи и да сфатиме колку е важно да ја живееме нашата вера, не само во неделите, не само за време на ходочестието, туку секој ден“.
Папата Лав рече дека верата ни овозможува да бидеме „исполнети со надежта која само Исус Христос може да ни ја даде“.
Тој изрази надеж дека „сите ние заедно ќе продолжиме да одиме обединети како браќа и сестри за да го фалиме нашиот Бог, да препознаеме дека сè што имаме и сè што сме е дар од Бога и да ги ставиме тие дарови во служба на другите“.
Потоа Папата им се заблагодари на амбасадорите и ходочесниците затоа што ја живеат својата вера во Исус Христос.
Тој рече дека групата била „добро придружувана“ од кардиналот Турксон, канцелар на Папската академија на науки и општествени науки; кардиналот Франсис Аринзе, поранешен префект на (тогашната) Конгрегација за богослужба и дисциплина на светите Тајни; и надбискупот Фортунатус Нвачукву, секретар на Дикастеријата за евангелизација.
Како заклучок, папата Лав XIV ги повика сите да му се придружат во молитвата за групата: „Ти благодарам, Господи Исусе, и нека се слави името Твое“.
Ватикан њуз/к.мк