Папата: Сведочете за евангелското заедништво во време на расцепканост

Папата: Сведочете за евангелското заедништво во време на расцепканост

На 13 ноември 2023 година, папата Фрањо ги прими претставниците на Школските сестри на Пресвета Богородица по повод нивното 25-то Генерално собрание. Сестрите го прават Христос видлив низ целиот свет, рече Папата и зборуваше за важноста на сиромаштвото и слушањето во заедниците.

Без вистинско сиромаштво нема монашки живот, рече папата Фрањо, обраќајќи им се на монахињите, учесници на 25-то Генерално собрание на Школските сестри на Богородица, што се одржува во Рим.

Папата истакна дека сиромаштвото не е само крепост, туку и чувар. Сиромаштвото е она што го чува посветениот живот, рече тој, додавајќи дека токму цврстата основа на сиромаштво им овозможи на Школските сестри на Пресвета Богородица да бидат сведоци на евангелието низ целиот свет, да го направат Христос видлив со нивното присуство полно со вера, надеж и љубов.

Пат за образование, служење и духовност

Школските сестри на Богородица се основани во 1833 година од блажената Тереза од Исус Герхардингер во Баварија, а денес се меѓународна заедница со скоро 2.000 монахињи. Сестрите се присутни во 30 земји на пет континенти.

Последниот ден од Генералното собрание, 17 ноември, се совпаѓа со годишнината од беатификацијата на блажената Тереза. Затоа Папата ги повика сестрите да продолжат да црпат вдахновение од нејзиното наследство и да продолжат да ги следат патиштата на образованието, служењето и духовноста поплочени од нивната основателка.

Светиот Отец посебно ја истакна целосната педагогија на блажената Тереза: заедно со интелектуалното образование, таа вклучуваше и грижа за духот и воспитување на сочувствителни, одговорни и христоцентрични луѓе. Тој го нарече таквото образование, образование на срцето за сочувство.

Пророчката димензија на посветениот живот

Осврнувајќи се на мотото на Генералното собрание „Да се биде пророчки сведоци на општо заедништво“, Римскиот епископ ја истакна важноста на заедништвото во контекст на денешното време и потребата од поттикнување на заедништвото, по примерот на свети Јеремија и свети Павле.

Тој напомена дека харизмата на сестрите е да ги водат сите до единството за кое ги пража Христос, втемелена на Исусовата желба за единство на сите кои веруваат во Него.

Тој, исто така, истакна дека монахињите се пионери во прифаќањето на пророчката димензија на посветениот живот, што е жив спомен на Исусовиот начин на живот и дејствување како воплотено Слово, во однос на Отецот и во однос на човечките браќа.

Во оваа смисла, нивната посветеност е знак на дарување на Господа и во исто време знак на нивната подготвеност да им служат на своите браќа и сестри во Него.

Папата Фрањо ги охрабри сестрите да продолжат да бидат храбри сведоци на евангелско заедништво во време кога многумина доживуваат фрагментација и разединетост. Тој потсети дека оваа одговорност станува се позначајна со оглед на синодалниот пат по кој оди Црквата.

Слушајте!

Истакнувајќи ја крепост слушање, Светиот Отец истакна дека монашкото собрание е можност повнимателно да го слушаме Светиот Дух и да се слушаме еден со друг, за да ги зајакнеме врските што ги врзуваат како сестри и како членови на Христовото тело.

Да сакаме постојано да разговараме, со секого, рече тој, но многу е тешко да се слуша.

Господ ни зборува и преку другите. Слушајте ги другите. Да не мислиме додека другиот зборува: „Што ќе одговорам?“, рече Папата и уште еднаш поттикна на слушање: нека допре до срцето и тогаш, ако чувствуваме дека треба да одговориме, да одговориме.

На крајот рече дека слушањето е крепост што мора да расте во заедниците, во посветениот живот. Слушајте го Господа, но слушајте ги и вашите браќа и сестри, поттикна Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот