Во обраќање до членовите на Италијанскиот воен ординаријат, папата Лав XIV ја нагласи важноста на сеќавањето и на служењето како дело на љубов, особено кон оние што се во потреба
Папата Лав ја истакна важноста на сеќавањето и на живеењето на службата како чин на љубов и служење на сите, во саботата, 7 март 2026 година во обраќањето до членовите на Италијанскиот воен ординаријат,
„Додека луѓето се грешни, заканата од војна виси над нив и ќе виси над нив сè до Христовото враќање. Но, доколку луѓето го победуваат гревот преку единство во љубовта, ќе го победат и насилството“, рече Папата, цитирајќи ја точка 78 од пасторалната конституција Gaudium et Spes на Вториот ватикански собор.
Тој нагласи дека токму во тој хоризонт треба да се сфати мисијата на христијанинот во вооружените сили: „да ги брани слабите, да го штити мирниот соживот, да одговара при катастрофи“ и „да учествува во меѓународни мисии за одржување на мирот и воспоставување на ред“.
„Сето тоа не може да се сведе на обична професија: тоа е повик, одговор на призив што ја предизвикува совеста“, истакна Папата.
Папата Лав објасни дека идентитетот на припадникот на вооружените сили се обликува од различни вредности, како дарежливост, дух на служење и високи стремежи, а тие треба да бидат втемелени врз „дарот на благодатта, која е способна да ја храни љубовта до целосно саможртвување“.
„Затоа е потребно правилата, нормите и задачите на воениот живот да се вдахнат со животворноста на Евангелието, за да биде во служба на безбедноста и мирот и секогаш на прво место да е општото добро на народите“, рече Петровиот наследник.
Историја и сеќавање
Папата се сретна со Воениот ординаријат на Италија по повод 100-годишнината од неговото основање и во тој контекст ја нагласи важноста на сеќавањето. Тој предупреди дека денешното општество ризикува да ја изгуби оваа способност, бидејќи живееме во епоха што „има извонредна моќ да пренесува информации, но сè послаба способност да ги усвои“.
Сепак, Папата подвлече дека за Црквата сеќавањето е „жива совест“, бидејќи „не е собирање податоци, туку постојан повик на одговорност“.
„За христијаните сеќавањето има особен карактер: тоа е славење на Божјото влегување во историјата, затоа што христијанската вера е втемелена на историски факт, а спасението не е идеја, туку живата Личност на Господ Исус Христос“, нагласи тој.
Служба како чин на љубов кон сите
Папата објасни дека прославата на стогодишнината се вклопува во оваа логика „како воплотено сеќавање на конкретна историја“ на припадници на вооружените сили кои, чекорејќи во Црквата, „и во светлите денови на мир и во драматичните денови на војна, придонеле за растот на ова општество со жртва, храброст и посветеност, понекогаш и по цена на сопствениот живот“.
Во таа смисла, продолжи Папата, „историјата не е стварност што мора да се трпи, туку место на благодат во кое се гради цивилизација на љубовта“.
„Вашата служба е чин на љубов: кон татковината, кон регионите, а пред сè кон луѓето, што се изразува во конкретна близина, особено таму и тогаш кога кревкоста е најголема“, истакна Папата.
Воените капелани како посредници меѓу народите
Во своето обраќање, Папата посебно се осврна и на воените капелани, барајќи од нив да ја живеат својата служба како „служење во љубов“, потсетувајќи на многубројните капелани кои така постапувале и ја направиле „пасторалната љубов видлива до степен на херојска доблест, а понекогаш и до мачеништво“.
Тој ги спомена различните контексти во кои тие служат: „во места на мир и на конфликт, во воени бази и оперативни средини, во капели и во полски шатори“, носејќи го Евангелието, Светите Тајни и духовна придружба на сите што имаат потреба.
„Во општество обележано од човечка мобилоност и културна разновидност, капеланот служи и како посредник меѓу народи, култури и религии, сведочејќи за Црква што дејствува како орудие на единството“, додаде Папата, истакнувајќи дека така придонесува „за промовирање на општото добро и на општествениот мир“.
Црквата е подготвена да го чува општото добро
Папата го заврши обраќањето нагласувајќи дека „Црквата, следејќи ги поуките на Вториот ватикански собор и Апостолските поттици Evangelii nuntiandi и Evangelii gaudium, го навестува Евангелието на мирот, подготвена да соработува со сите за да го заштити ова општо добро“.
Тој го охрабри Воениот ординаријат на Италија да биде „делотворна лабораторија на Божјото дејствување во полза на човекот“, и, цитирајќи го свети Августин, „простор на формација за премин од amor sui кон amor Dei, темелот на онаа Civitas Dei во која основниот закон е љубовта“.
На крајот, папата Лав повика да се промовира мир „кој не е само отсуство на конфликт, туку полнота на правда, вистина и љубов“.
Ватикан њуз/к.мк

