Папата разговараше со астронаути од Вселенска станица

Папата разговараше со астронаути од Вселенска станица

На 26 октомври 2017 година Папата Фрањо преку видео врска разговараше околу 25 минути со членовите на Меѓународната вселенска станица. На мисијата моментално се шест космонаути од три држави: САД, Русија и Италија. Папата им поставуваше прашања за тоа како ја гледаат положбата на човекот во вселената од нивната станица.

Италијанскиот астронаут Паоло Анцело Несполи одговори дека е соочен со прашањето „од каде доаѓам“. Верувам дека нашата цел е да го спознаеме нашето постоење и да сфатиме што нѐ опкружува. Колку повеќе знаеме, толку повеќе сме свесни дека малку знаеме. Сакам луѓето како вас, не само инженерите или физичарите, туку и теолозите, филозофите уметниците, писателите, да дојдат во вселената за да можат да истражуваат и да разберат што значи да се биде човек во вселената.

Рускиот космонаут Александер Александерович Мисуркин откри дека моментално ја чита познатата книга „Малиот принц“ и порача: Љубовта е сила која му овозможува на човекот да го положи својот живот за некој. Светиот Отец рече дека многу му се допаѓа тој одговор, при што ја пофали руската духовност. Папата исто така се интересираше за тоа што ги поттикнало да станат астронаути и што ги прави радосни на таа станица.

Еден од членовите на мисијата, Сергеј Николајевич Рјазанскиј одговори дека за него неговиот дедо му бил пример, кој пак бил еден од одговорните за изградбата на сателитот Спутник, така кај Рјазанскиј се родила и желбата да оди по стапките на неговиот дедо. За него вселената е многу интересна и убава, но и многу важна за нас како човечки битија.

Командантот на мисијата, американецот Рандолф Џејмс Бресник рече дека никој не може да биде во вселената, а при тоа душата да не му била длабоко погодена од убавината на  нашата планета. Движејќи се со 10 километри во секунда, нашата планета ја гледаме поинаку: Гледајќи од тука не постојат граници, а она што се гледа е дека атмосферата е тенка и кревка. Набљудувајќи ја на тој начин Земјата ни дозволува да размислуваме дека сите треба да соработуваме за подобра иднина.

Американскиот астронаут Марк Ванде Хеј напомена дека во вселената нема поими како „горе“ или „доле“, но човекот самиот ги создава врз основа на своите координати, спрема потреба. Одговарајќи пак на прашањето од Папата за конкретен пример за соработка на вселенската станица, астронаутот Џое Акаба истакна дека на оваа мисија учествуваат различни земји од светот: САД, Русија, Јапонија, Канада, како и девет европски земји… Потсети дека работат заедно како би постигнале нешто повеќе. Отколку што би постигнале сами. Истакна дека нивната различност ги прави посилни, поголеми отколку што би можеле да бидат како поединци, додавајќи дека овој модел на соработка може да биде успешен модел за соработка меѓу луѓето…

Светиот Отец потоа истакна дека членовите на мисијата на Меѓународната вселенска станица ја претставуваат „Стаклената палата“ во мало. На крајот Папата се заблагодари на астронаутите, ветувајќи им дека ќе моли за нив и ги повика и тие да молат за него.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот