Со вера сè е возможно!
Прославете го Божиќ со вистинска вера – поттикна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во домот Света Марта во Ватикан на 10 декември 2018 година и го толкуваше настанот од Евангелието за денешната Литургија кое зборува за оздравувањето на фатениот. Исто така тоа беше прилика за да истакне дека верата влева надеж и помага да се допре Исусовото срце.
Ја бараме верата во таинството на Бог Кој стана човек – рече Папата и напомена: Верата и денес во Евангелието покажува како го допира Господовото срце. Господ често се враќа на катехезата за верата и е упорен. „Штом ја виде верата нивна…“ – вели Евангелието. Исус ја видел таа вера, затоа што била потребна храброст за да се направи отвор на кровот и да се спушти креветот со болниот. Тие храбри луѓе имале вера! Знаеле дека болниот ќе оздрави ако дојде пред Исус.
Исус се восхитува на верата на тие луѓе како и на оние во случајот со римскиот стотник кој молел за оздравување на својот слуга; на Сирофеничанката која молела за ќерката опседната од демони и на жената која оздравела од крвотечение допирајќи го само работ од Исусовата облека – рече Светиот Отец и нагласи: Но, Исус ги укорувал маловерните како Петар, кој се сомневал. Со верата е можно сè!
Денес сме во втората недела од Великиот пост, молевме за благодатта со вера да се подготвиме за славењето на Божиќ – рече папата Фрањо. Вистина е дека Божиќ, тоа сите го знаеме, често се слави без голема вера, на световен и пагански начин. Но, Господ бара да го славиме со вера и во оваа недела мора да молиме за таа благодат за да можеме да го славиме со вера. Не е лесно да се сочува и брани верата.
Оздравувањето на слепиот од деветата глава во Евангелието според Иван и неговиот чин на вера пред Исус кој го препознава како Месија, за Папата е симболичен настан од кој произлегува неговиот поттик на Бог да ја довериме својата вера, бранејќи се од искушенијата на овој свет.
Затоа Светиот Отец рече: Ќе ни помогне ако денес и утре, па и во текот на неделата ако ја земеме деветата глава од Евангелието според Иван и го читаме тој толку убав настан за слепородениот. Добро е читањето да го завршиме во своето срце со чинот на верата: „Верувам Господи. Помогни и на мојата слаба вера. Брани ја од световноста, празноверието, од работи кои не се во согласност со верата; од сведување на теории, па и ако се теолошки и морални. Дај ни вера во Тебе Господи!“ – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк