Во сабота 30 март 2019 година папата Фрањо кратко по 14.00 часот допатува во Рабат, главниот град на Мароко, дестинација за дводневната посета на Папата.
На меѓународниот аеродром во Рабат – Сале Папата го пречека силен дожд, така што од авионот излезе со чадор. На аеродромот Светиот Отец го пречека кралот на Мароко, Мухамед VI и две деца во традиционална носија, кои на Светиот Отец му предадоа букет цвеќе. После тоа во придружба на кралот Папата го поздрави бискупот на Рабат, монс. Кристобал Лопез Ромеро, а потоа се упати во Салон Ројал, каде му беа понудени урми и бадемово млеко во знак на гостопримство и добредојде. Потоа со автомобил Папата замина до Еспеланде де ла Тоур Хасан, каде се одржа свеченоста за добредојде во Мароко. Кралот и Папата патуваа во два одвоени автомобила, Светиот Отец во папамобил, а Мухамед VI во лимузина.
Папата беше пречекан со воодушевување како од христијаните, така и од муслиманите. Низ градот Рабат, покрај знамињата на Мароко и Ватикан има и плакати со слики на папата Фрањо. Хриситјаните и муслиманите мора да се почитуваат со своите различности и во неволјите да си помагаат едни на други – истакна папата Фрањо пред заминувањето на своето 28. Апостолско патување.
Католичката заедница во Мароко брои околу 25.0000 верници и тоа претежно странци, кои тука живеат, работат или престојуваат во оваа земја поради дипломатски причини, но постои и жива, но малобројна автохтона заедница, која е многу активна во делењето на хуманитарна помош, не само на домашните во потреба, туку и на бегалците.
Првиот ден од посетата на Папата е предвиден за средба со претставниците на властите, граѓанското општество и членовите на дипломатскиот кор, имамите и мигрантите.
Ватикан њуз/к.мк