За време на средбата со ходочесниците од парохијата Свети Тома од Вилануева во Алкала де Хенарес, Светиот Отец ја истакна важноста на внатрешниот духовен живот, одговорното служење и конкретната солидарност со оние на кои им е потребна помош како пат за христијанското сведоштво денес.
На 29 декември 2025 година, за време на Божиќната октава, Светиот Отец се сретна со група ходочесници од парохијата Свети Тома од Вилануева во Алкала де Хенарес, Шпанија, кои пристигнаа во Рим на Јубилејното ходочестие. Папата ги пречека со радост и благодарност, нагласувајќи дека нивното присуство е плод на долги подготовки и на верна духовна поддршка на наследникот на апостол Петар преку молитва и великодушност во текот на оваа посебна година за Црквата.
Во својот поздрав, Светиот Отец се потсети на ликот на Свети Тома од Вилануева, августински монах и епископ длабоко поврзан со историјата на Алкала де Хенарес. Го претстави како пример за човек отворен за Божјото делување, чија подготвеност да служи роди изобилни плодови и за Црквата и за општеството од неговото време.
Папата се фокусираше на три карактеристични одлики од животот и духовноста на светецот кои можат да бидат поттик и денес. Прво, постојаната молитва и живиот престој во Божјото присуство. Овој „свет внатрешен немир“, нагласи Светиот Отец, бара длабока внатрешност, способност за тишина и ослободување од себеси, за да може Бог да делува во животот на човекот.
Втората карактеристика е трудољубивоста. Во свет кој често нуди лесни и брзи решенија, примерот на Свети Тома од Вилануева, со неговата напорна работа, трезвеност, едноставност и апостолска ревност, особено во универзитетската средина, ги повикува христијаните да ги препознаат даровите што ги примиле и да ги стават во служба на заедницата со истрајност и посветеност.
На крајот, Папата ја нагласи големата љубов на светецот кон сиромашните, поради што бил наречен „Божјиот милосник“. Светиот Отец изрази благодарност што оваа чувствителност е жива и во самата парохија, потсетувајќи дека сиромашните не се само предмет на помош, туку таинствено присуство на самиот Господ.
На крајот од средбата, Папата ги охрабри ходочесниците да го продолжат своето патување следејќи го Христос, поттикнати од сведоштвото на светците, и им го даде својот апостолски благослов, посакувајќи им благословено ходочестие и среќна нова година.
Ватикан њуз/к.мк

