Пример за граѓанска и христијанска одговорност, братство и служба, експерти за полски болници, силно и нежно присуство, сведоци на евангелието. Ова се зборовите со кои папата Фрањо ги поздрави алпинисти од италијанска планинска воена единица, кои ги прими на 26 февруари по повод нивната 150. годишнина од основањето.
Папата ги поздрави како постарите, кои се жив спомен на херојската посветеност и пожртвуваност, како и помладите, за кои рече дека продолжуваат по патот гледајќи кон височините, со упорно и трпеливо планинарско одење, искачувајќи се по стрмните патеки до врвот.
Светиот Отец ги поттикна присутните да продолжат да бидат закотвени во своите корени, во сеќавањето, а во исто време „врзани со јаже“, вредно помагајќи за да не се препуштат на уморот и да продолжат со верност на посветеноста и дадениот збор. Тоа се вредностите кои отсекогаш ги истакнувале италијанските алпинисти, а кои стануваат уште поважни во годината кога се одбележува 150. годишнината од основањето на здружението. Здружението е присутно во многу делови од светот, потсети Папата и меѓу другото нуди убаво сведоштво за братство и служба – два збора кои најдобро ги опишуваат, додаде Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк