Преку Божиќ надежта влегува во светот, со овоплотувањето на Синот Божји – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на 21 декември 2016 година на која продолжи со серијата катехези за христијанската надеж.
Пророкот Исаија го навести раѓањето на Месијата (Исаија 7, 14; 11,1), а Бог ги исполнува неговите пророштва станувајќи човек – рече Папата и додаде: На тој начин Бог ја покажува својата верност и на човекот му дарува нова надеж – вечниот живот.
Кога говориме за надежта главно мислиме на нешто што не е во човечка моќ, ниту е видливо. Всушност она на што се надеваме ги надминува нашите сили и хоризонти. Но, Христовото раѓање со кое започнува откупувањето ни говори за поинаква надеж на која можеме да се довериме, која можеме да ја видиме и разбереме затоа што се темели на Бог. Надежта за христијаните значи да бидеш сигурен дека заедно со Христос си на патот кон Отецот – рече Светиот Отец.
Папата потсети дека за време на Божиќниот пост во христијанските домови се поставуваат пештери и секоја статуа во пештерата е знак на надеж. Своето размислување за пештерата ја започна со Марија, Мајка на надежта која со своето „да“ на Бог ја отвори врата во нашиот свет. Со Марија е Јосиф – продолжи – потомок на Јесеј и Давид кој исто така поверувал на зборовите на ангелот и му ставил на Детето име „Исус“. Во тоа име е надежта за секој човек, затоа што преку тоа Дете Бог ќе го спаси човештвот од смртта и гревот – рече Папата.
Папата потоа говореше за пастирите кои ги претставуваат сиромашните и оние во потреба, а исто така за Витлеем кој Божјата провидност го избрала затоа што сака да делува преку малите и скромните. Пастирите кои дошле да го видат Младенецот во Него гледат остварување на ветувањата и се надеваат дека за секој од нив спасението Божјо ќе стане реалност – рече Светиот Отец и продолжи: Кој се доверува на сопствената сигурност, посебно на материјалната, тој не се надева на Божјото спасение. Треба да го запаметите следното: нашите сигурности нема да нѐ спасат. Единствена сигурност која избавува е надежта во Бог Кој спасува. Малите кои веруваат во Бог Му се доверуваат, затоа што во Детето препознале знак на кој ги упатиле ангелите. (Лк 2,12)
Христијанската надеж се покажува на крајот во благодарноста и славата, а всушност тој аспект го преставува ангелскиот хор кој најавува: Слава на Бога во висините, а на земјата мир на луѓето со добра волја (Лк 2,14) – рече папата Фрањо, додавајќи дека со набљудувањето на пештерата се подготвуваме за Божиќ. Нека Господовото раѓање навистина биде славење за прифаќањето на Исус, семето на надежта – им порача на крајот папата Фрањо на присутните.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк